Околу 1200 пакувања од сирупот за деца “Ефералган” доброволно се повлечени од аптеките низ Македонија. Францускиот производител минатата недела превентивно модлучил во сите земји да се тргнат од промет сериите кај кои биле откриени неинфективни честици на амбалажата поради можна контаминација на самиот препарат, јавува Сител.
– Доброволното повлекување на овие серии е предложено како мерка на предострожност по откривањето на мали пластични честички (неинфективни) во опремата за пакување на производот (надворешно) од страна на производителот, информираат од Агенцијата за лекови.
Примероци од повлечениот сируп се испратени на дополнителни анализи на фармацевскиот факултет и во Институтот за јавно здравје . Резултатите се очекуваат во текот на утрешниот ден. Од Малмед се категорични дека нема простор за паника. Ова било нормална пракса кај голем број фармацевски компании иако информацијата пласирана на социјалните мрежи предизвика загриженост кај некои родители кои сирупот им го давале на децата за покачена температура.