Цената на суровата нафта на светските берзи би можело да падне на 20 долари за барел, стои во последната анализа на Годлман Скас. Тие своите предвидувања ги темелат на однесувањето на најголемите производители на енергенси во светот. Според нив, Саудиска Арабија нема намера да го намали производството на нафта туку оди кон тоа да го задржи својот удел на глобалниот пазар. Во САД, иако се намалува бројот на бушотини, сепак, количината на нафта која се вади останува на нивото кога барелот чинеше 100 долари.
Од друга страна и Русија нема намера да го намали производството. Ставот на официјална Москва е дека помало производство ќе има тогаш кога барел нафта ќе чини 0 долари. Во такви услови може да се очекува и понатамошно поевтинување на најпобаруваниот енергенс а доколку падне на ниво од 20 долари за барел, тоа значи дека во Македонија литар бензин би чинел помалку од 40 денари а дизелот би паднал на околу 30 денари за литар.
Европската нафта од типот „брент“ која се увезува и во Македонија денеска ја достигна најниската цена во последните 11 години, јавува Асошиејтед Прес.
На денешното тргување, северноморската нафта за испорака во јануари се спушти на цена од 36 долари и 29 центи. Во однос на петочното тргување цената се спушти за дури 59 центи.
Што се однесува на малопродажните цени во Македонија, последните промени на светските берзи треба да донесат значително поевтинување. Минатиот понеделник кога Регулаторната комисија за енергетика ги формираше цените, просечната цена на барел нафта беше 40,687 долари. Во моментов, ценат е за скоро 4,5 долари пониска во однос на таа од пред една недела а предвидувањата се дека дополнително ќе се намалува. И доларот губи од својата вредност во однос на денарот. За оваа недела доларот поевтини за еден денар и сега неговиот курс е околу 56.9 денари за еден долар. Во вакви услови најверојатно ќе има поевтинување за 2-3 денари по литар и тоа пред се кај бензините. Се очекува да поевтини и дизелот.
Минатата недела, бензините останаа со иста цена. ЕУРОСУПЕР БС95 чини 62,5 денари за литар а ЕУРОСПУЕР БС98 64,5 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ-от се точи по цена од 46,5 денари за литар.