Од сида во светот минатата година починале милион лица, што е двојно помалку отколку во 2005 година, кога оваа болест однесе речиси два милиона животи, соопштија денеска Обединетите нации.
Не само што опаѓа бројот на новоинфицирани од овој вирус, како и смртните случаи, туку се повеќе луѓе сега се лекуваат, се наведува во извештајот во пресрет на конференцијата за сида, што в недела се отвора во Париз.
„Во 2016 година, 19,5 милиони имале пристап до лекување од вкупно 36,7 милиони лица кои живеат со вирусот ХИВ“, наведе агенцијата УНАИДС, пренесуваат француските медиуми.
Од појавата на епидемијата, во осумдесетите години на минатиот век, со вирусот ХИВ се инфицирани вкупно 76,1 милиони лица. Оттогаш околу 35 милиони лица починале од оваа болест.