Фирмите од утре ќе мораат да внимаваат на роковите во кои ќе ги исплаќаат обврските кон партнерите. По четиримесечниот период на прилагодување, на 1 мај почнува примената на Законот за финансиска дисциплина кој ги обврзува компаниите меѓусебните плаќања да ги извршуваат во рок од 60 дена. Рокови за плаќање се поставени и за јавните субјекти кои склучуваат зделки за набавка на стоки и услуги од приватни фирми.
Според овој Закон, плаќањето може да се одложи за уште најмногу 60 дена, но за тоа мора да постои писмен договор меѓу двете страни. Доколку не се испочитуваат овие правила, тој што доцни првично ќе плати 3.000 денари како надомест, кој може да го побара во рок од три години. Предвидени се и големи глоби за непочитување на одредбите од Законот за финансиска дисциплина. Така, за задоцнето плаќање правните лица ќе се казнуваат со 5.000 до 10.000 евра, а трговците-поединци со 1.500 до 3.000 евра. За одговорните лица е предвидена глоба од 750 до 1.500 евра. Ваква е казната и за министерот за финансии кој нема да го запази рокот на плаќање од трезорот, откако ќе го прими барањето од јавниот субјект.
Освен што се дисциплинираат компаниите, со овој Закон за прв пат се става ред и во плаќањата на јавните кон приватните субјекти. За поголемиот дел од нив предвиден е подолг рок на плаќање. До крајот на годинава тие ќе мораат да ги расчистуваат сметките со приватните деловни партнери во период не подолг од 120 дена, а од 1 јануари до 31 декември 2015 година рокот им е скусен на 90 денови. За Фондот за здравствено осигурување, за корисниците на средства од него, за јавните здравствени установи, јавните претпријатија и трговските друштвата основани од државата, општините или градот Скопје, роковите за плаќање ќе се применуваат од 1 јануари 2016 година.
Вечер