Иако минатата година општина Центар најави отстранување на сендвичарницата “Чичко Стоилко“ од познатата локација во центарот на Скопје, сега засега нема никаква конкретна најава на нешто такво, пишува “Дневник“.
Тоа, како што пишува весникот, не важи само за оваа култна сендвичарница, туку и за сите други на тој потег, со објаснување дека просторот ќе се уредува во сооднос со околината, односно Порта “Македонија“ и другите блиски објекти.
Градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ, појасни дека отстранувањето на 72 привремени објекти на територијата на општината ќе го прават преку однапред утврдена динамика.
“Ќе ги отстрануваме само тие објекти што пречат во реализација на конкретни детални урбанистички планови, односно нема да се уриваат сите наеднаш. Сметам дека тоа е исправно. На тој начин се покажува чувство за луѓето што работат таму“, рече градоначалникот на последната седница на Советот на општината.