Основното јавно обвинителство Скопје ги расветлува причините за трагичниот настан во општина Илинден, во кој животот го загуби 13-годишно девојче, и на утврдување на евентуална кривична одговорност.
– Надлежен јавен обвинител издаде наредба за обдукција на починатото лице, како и насоки за прибирање дополнителни податоци. Побарани се информации за фирмата која ги изведувала градежните работи и за текот на градбата. Во исто време, се прибираат податоци од инспекциските служби и од други надлежни органи за да се утврди евентуална кривична одговорност, соопшти Јавното обвинителство.
Во Полициското одделение Петровец било пријавено дека на ул. „2“ во населба Илинден-Скопје, на место викано „Бигла“, во ископ за темели за изградба на зграда (кој била полн со вода), паднало 13-годишно девојче од населба Илинден.
-На местото на настанот излегле екипи од СВР-Скопје, Итна медицинска помош и Бригадата за противпожарна заштита. Околу 15.00 часот, од страна на локалните жители, телото на девојчето било извадено. Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, информираат од МВР.