Опомени испраќаат и за платени сметки – кој ќе им го плати малтеретирањето на граѓаните?


Редици нервозни граѓани, вработени, пензионери… со часови чекаат пред приемните канцеларии на Управата за јавни приходи за да рекламираат сметки за радиодифузна такса. Тие се револтирани што, и покрај тоа имаат уредно платени сметки, добиле опомена од УЈП дека долгуваат, дека ќе им бидат блокирани нивните трансакциски сметки или дека се веќе блокирани.

smetka radiodifuzijaТие се збунети затоа што во банка или во пошта ги платиле навреме сметките или заостанатиот долг за радиодифузна такса и се убедени дека ништо не должат. Но, шокот доаѓа при добивање на известувањето од УЈП според кое долгот се’ уште постои. Коментарите на граѓаните, главно, се дека до овој проблем доаѓа поради некоординираност меѓу банките, поштата и УЈП, односно дека не се навреме прокнижени плаќањата и се водат и понатаму како долг.

Но, на оваа ситуација не реагираат само граѓаните, туку и вработените од УЈП, од кои може да се слушне дека се принудени да завршат нечија незавршена работа. Па, секоја сметка доставена на увид, мораат да ја проверуваат, да отвораат картица со име на должникот и да го впишат платениот износ, за на крајот да издадат потврда дека долгот е подмирен.

„Морав да излезам во текот на работното време и да чекам во УЈП повеќе од еден час за да ги дадам на увид сметките РДТ на моите родители, пензионери, кои не се во можност да дојдат и да ја завршат процедурата. Тие добија опомена од УЈП за неплатен долг за радиодифузна такса, иако сметките се платени за неколку месеци одеднаш. И покрај тоа, се’ уште во УЈП фигурира стариот долг, а реалното долгување е само за еден месец. Не знам што ќе се случеше доколку им се блокираше трансакциската сметка, па ќе мораат да платат и за деблокирање, кое од банка до банка се наплатува различно, а некаде е и до 1.500 денари“, вели скопјанката П.К.

Дали главна причина за оваа ситуација е некоорднираноста меѓу банките, поштата и УЈП ?

UJPВо Управата не коментираат во врска со ова прашање. Велат дека во даночните канцеларии не е регистриран зголемен број на обврзници со забелешки за доставени опомени, односно дека станува збор за изолирани случаи.

„УЈП во изминатиот период неколку пати ги повика и апелираше до обврзниците за РДТ кои имаат заостанати долгови, да извршат навремено плаќање, бидејќи во спротивно, УЈП во рамките на своите надлежности, за да обезбеди наплата на долговите, почнува со примена на мерки за присилно наплатување, според законските прописи“, велат надлежните од УЈП. Појаснуваат дека, доколку обврзникот има извршено уплати кои не се евидентирани, тој треба да се обрати до нивните даночни канцеларии и да поднесе доказ за извршените уплати. А, во случај на промена или грешка во податоците, обврзниците треба да се обратат во Македонската радио-телевизија за да ги ажурираат во Регистарот на МРТ.

Инаку, уште во јуни годинава, за 31.660 фирми, правни лица и вршители на дејност, УЈП достави опомени поради заостанати долгови и неплатена РДТ во вкупен износ од 37 милиони денари денари, како и за над 100.000 граѓани. Рокот за наплата беше една седмица од денот на приемот на опомената, по што, како што соопшти УЈП, ќе почне постапката за присилна наплата, при што трошоците паѓаат на товар на обврзникот.

извор: Утрински весник

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1