Опозицијата не поверува дека понудата на премиерот Заев за широка коалиција е искрена. Алијансата на албанците ја нарече обичен блеф, а ВМРО ДПМНЕ, која вчера прифати да разговара за експертска а не за политичка Влада, денеска оцени дека се работи за провидна игра и сламка за спас на кариерата на Заев.
Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, хоспитализиран на Инфективна клиника со симптоми на ковид, одговори уште поостро. Нема да се случи пакт со криминалци, соопшти на социјалните мрежи, упатувајќи порака на господата од власта и нивните лакеи, како што ги нарече поранешните функционери од ВМРО ДПМНЕ.
Вчера премиерот Зоран Заев во интервју за Слободен печат, најави дека сака да отвори дебата за создавање широка владина коалиција, во која сите партии би партиципирале во согласност со освоените пратенички мандати. Тоа, според него, би придонело за помирување во општеството, но и за департизација на институциите, функционалност на Собранието, судството и администрацијата и за подобро справување со здравствената и економската криза.