Институтот за судска медицина и криминалистика денеска почна со подготовки за испитување на телото на починатата Дениса Маркоска. „Првичните испитувања, кои се во тек, треба да го утврдат идентитетот на починатата“, изјави директорот на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума, и додаде дека материјалот кој бил добиен од грчките власти не е многу подобен за анализи. Грчките власти, освен телото на починатата до Институтот за судска медицина испратиле само посмртница, иако со меѓународни договори е предвидено да се достави комплетен извештај и придружна фотодокументација, пишува Утрински.
Професорот Дума потврди дека телото на Дениса во Институтот за судска медицина било донесено вчеравечер, а малку потоа сите вработени и уште осуммина волонтери почнале со првичните подготви за реобдукција на телото на 23-годишната Дениса Маркоска, а кога ќе почне реализацијата на одредени анализи, ќе се вклучат и лица од Одделот за криминалистичка техника.
Колку време ќе му биде потребно на Институтот да ја заврши комплетната реобдукција професорот Дума не кажува, но уверува дека таа ќе биде завршена крајно професионално и според највисоки стандарди и норми пропишани од Советот на Европа, односно Комисијата за форензика. Во исто време Дума најавува дека комплетните резултати од завршената обдукција ќе му бидат предадени на Министерството за здравство, кое се јавува како налогодавач и на родителите на Дениса.
Пласираните шпекулации дека грчките форензичари ги отстраниле безмалку сите внатрешни органи од телото на Дениза, професорот Алексеј ги отфрла како неточни и бара во јавноста да не се пласираат непроверени работи, особено што се работи за крајно чувствителен случај. Инаку, во морето шпекулации е и онаа според која родителите на Дениза воопшто не биле информирани за транспорт на телото од Грција во Македонија.
Случајот на Дениза Маркоска ја разбранува јавноста откако на 12 септември беше пријавено нејзино исчезнување. Она што се знаеше за Дениза се поврзуваше со нејзин ангажман на бродот „Серенисима 3“ кој пловел во Егејското Море. Потрагата по Дениса траеше повеќе од половина месец, а на почетокот на минатиот месец, во близина на островот Карпатос, беше пронајдено нејзиното безживотно тело. По направена обдукција и ДНК-анализа, грчките форензичари со голем процент на сигурност потврдија дека телото кое што беше извадено од морето и’ припаѓа на исчезнатата девојка, но на барање на нејзините родители сега ќе се прави нова обдукција.