Британска брачна двојка на лото освои 32 милиони фунти (40 милиони евра), што е втора најголема добивка во историјата на британската лотарија, но тие сепак и натаму останаа скромни.
Како што наведува „Дејли Мејл“, богатството што го стекнаа преку ноќ воопшто не ги промени Гери и Лајза Кенингс.
Тие не го променија својот дотогашен животен стил, што зачуди многумина, пишува лондонскиот весник, додавајеќи дека Кинингс и натаму ја возат нивната стара „Шкода“ и живеат во стара куќа крај Петербург.
Сепак, тие си дозволиле еден луксуз – отишле на одмор. Но, дури и одморот го резервирале пред добивката.
Соседите велат дека по ништо не може да се рече дека поранешните наставници сега се милионери, затоа што останале сосема исти, скромни и смирени.
Откако дознале дека добиле на лотаријата, тие не брзале со земањето на наградата, туку ги оставиле парите да „одлежат“ неколку денови.
– Ние сме едноставно такви. Не се грижиме околу работите и не правиме драми, изјави Гери Кенингс.
Некои планови сепак имаат. Лајза ќе оди во пензија, а сакаат и да го посетат Нов Зеланд. Тие не сакаат да ги разгалат нивните деца, така што нивниот 11-годишен син ќе мора да го почека следниот роденден за да го добие новиот „Иксбок“ кој го сака.