Агенцијата за пошти како регулаторно тело и Македонската пошта како национален пошенски оператор започнаа заеднички проект со кој треба да се олесни начинот на поднесување на рекламации од страна на корисниците на поштенски услуги. Оваа заедничка соработка произлезе од големиот број на поплаки кои пристигнале до Агенцијата за пошти за работењето на Македонска пошта. Најголемиот дел од поплаките на граѓаните се однесувале на доцнење на пратките, односно ненавремена достава, особено на препорачаните. Граѓаните се жалеле и на доставата на оштетени пратки, а во помал број на случаи се работи за целосно изгубени пратки за корисниците.
„Во тековното работење врз основа на нашите анализи добивме впечаток дека постапката за поднесување рекламации е компликувана и затоа се одлучивме на нејзино подобрување. Се надевам дека проектот ќе заврши со поедноставни стапки што е во интерес на остварување на правата на корисниците“ – додаде Влатко Атанасоски, директор на Агенција за пошти.
Статистиката на Агенцијата за пошти покажува дека бројот на рекламациите се зголемува од година на година, што за надлежните е знак дека граѓаните стануваат се посвесни и поинформирани за своите права. И во Битола граѓаните се жалат за работата на Македонска пошта, а тоа најчесто го пријавуваат телефонски.
„Во Битола постојат поплаки од граѓаните, а најчесто тоа го прават телефонски“ – изјави Влатко Атанасоски, директор на Агенција за пошти.
Целта на Агенцијата за пошти е да се подигне свеста на граѓаните околу постоењето на регулаторно рело кое ги штити нивните права. Од агенцијата апелираат да ја искористат можноста да се информираат за било што се однесува на користењето на поштенските услуги во Македонија.