“Тито полека се гаснеше. Респираторот работеше нормално, но на ЕКГ-то се забележуваа промени кои укажуваа на крај. Во 15:05 часот, ЕКГ-то покажуваше права линија – знак дека неговото срце престана да чука. Во целосна тишина минавме крај креветот 15-ина минути, а потоа го погледнав професорот Богдан Брецељ – најстариот во тимот, кој за два дена требаше да наполни 74 години. Му ги покажав апаратите кои со звучни сигнали покажуваа дека работат, а тој ми кимна со главата. Тоа беше знак да ги исклучам.
Д-р Предраг Лалевиќ е 87-годишен хирург и анестезиолог кој во 16 години минати со претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито, бил на 106 патувања во странство, и детално ги опишува последните 4 месеци од неговиот живот во болницата во Љубљана, и за тоа како дошло до одлуката за гасење на респираторите, пишува “Јутарњи.хр”.
Недела, 4 мај 1980 година е кобниот ден. Се случило во Клиничкиот центар во Љубљана, каде анестезиологот и хирург Лалевиќ бил еден од специјалистите кои 4 месеци грчевито се бореле за животот на маршалот – доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито.
-Во претпладневните часови започна хемодијализата. Меѓутоа, по извесно време, дојде до пад на крвниот притисок кој не се поправаше, па мораше да биде прекината. Сите членови на лекарскиот тим, дежурните лични лекари, и најдобрите медицински сестри кои го негуваа претседателот, се собраа околу креветот. Тито полека се гаснеше. Респираторот работеше нормално, но на ЕКГ-то се забележуваа промени кои укажуваа на крај. Во 15:05 часот, ЕКГ-то покажуваше права линија – знак дека неговото срце престана да чука. Во целосна тишина минавме крај креветот 15-ина минути, а потоа го погледнав професорот Богдан Брецељ – најстариот во тимот, кој за два дена требаше да наполни 74 години. Му ги покажав апаратите кои со звучни сигнали покажуваа дека работат, а тој ми кимна со главата.
Тоа беше знак да ги исклучам. Го исклучив респираторот, ЕКГ-мониторот, пејсмејкерот и електронската пумпа за внесување на лекови во вените. Потоа ја напуштивме собата и отидовме да составиме завршен извештај за лечењето и смртта, раскажува хирургот, пишува хрватскиот весник.
Тој истакнал дека смртта на претседателот ја доживеал како пораз, баш онака како што секој лекар ја доживува смртта на својот пациент. Кажал оти не биле доволни ниту натчовечките напори кои ги вложиле, кои некогаш траеле и по 20 часови дневно.
Лалевиќ се родил во 1927 година во Пеќ на Косово, а неговите предци се од Црна Гора. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1951 година, во рекорден рок, пред да наполни 24 години. Во меѓувреме почнал да работи на хируршкиот оддел во болницата “Др. Драгиша Мишовиќ”. Откако во 1953 година специјализирал на белградската Воено-медицинска академија, две години минал во универзитетот во Копенхаген во Данска, а се специјализирал како стипендист во глобалната американска клиника “Мејо” во САД. Во мај 1964 година, на свои 36 години водел еден од одделите во болницата, и подоцна добил повик да се јави во кабинетот на претседателот на републиката. Го известиле дека по препорака на “некои колеги”, бил избран во тимот кој ќе го следи Тито во патувањата надвор од земјата. Никогаш не дознал кои се тие колеги. Му било кажано дека ги гледа секојдневно и ништо повеќе од тоа. Потоа се состанал со генералот Лука Божовиќ.
Тој го запрашал кој весник сака да го чита, на што Лалевиќ одговорил “Политика” и “НИН”, пишува “Јутарњи.хр”. Генералот му кажал да и каже на својата сопруга да му ги купува овие весници во наредната седмица, бидејќи тој оди на пат. -Кога ќе ги прочиташ, само тоа си го видел и си го слушнал, му кажал генералот на Лалевиќ. Тој ги почитувал зборовите на Божовиќ, и на секое негово патување со претседателот, во текот на тие 16 години, од кабинетот добивале писма со налепница “Строго доверливо”. На прашањето што имало во нив, Лалевиќ одговорил: “Неколку денови однапред ме известуваа за тоа каде одиме, кои се членовите на делегацијата, имиња од техничката служба, новинари и сниматели, екипажот во авионите… Пишуваше и за географската положба на земјата во која одиме, низ кои земји минуваме, климата…Не советуваа и каква облека да носиме”, вели тој. За неговите патувања со Тито, се до заминувањето, вели дека биле будно чувана тајна.
-Ништо не смеев да кажам се до објавата за заминувањето. Се случувало да ми се јават пријатели и да ми кажат: “Одиш во Јапонија, а ништо не кажуваш”…Јас притоа глумам изненаден и прашувам: “Од каде си слушнал такво нешто?” А тој вели: “Па сега кажаа на телевизија”…Дури тогаш му признавам: “Ако така кажале, тогаш патувам!” Како што пишува весникот, тој бил еден од ретките кои опстанале толку долг период во опкружувањето на претседателот. Вели дека таа работа ја прифатил како работно место. Наместо да биде во болницата, тој одел зад претседателот.
Неговата сопруга Љубица по патувањата често го прашувала дали навистина патувал, бидејќи не го видела на телевизија. Докторот Лалевиќ се навратил на медицинските зафати. Кажал оти покрај труењето со храна во Египет и воспалението на белите дробови по една година во Бугарија, неговата 16-годишна работа минувала без големи проблеми. Меѓутоа, последните 4 месеци од неговиот живот и лечењето во Љубљана дебело му ја наплатиле долгогодишната привилегија на патувањата. Секојдневно крај него работниот ден траел 16, а некогаш и 20 часа, а тоа, како што кажал за него било исцрпувачко, бидејќи се мачел со хипофункција на штитната жлезда. За вообичаен надомест на хормони земал 200 микрограми тироксин, а во Љубљана таа доза ја зголемил на 300 микрограми.
Нагласил дека за да оздрави по смртта на претседателот, му биле потребни шест месеци. Како што пишува “јутарњи”, тој дел од разговорот навел на темата за почетокот на крајот на Јосип Броз Тито.
-Поради шеќерната болест, која ја криевме од јавноста, здравјето на претседателот се влошуваше. Затоа во терапијата внесовме и инсулин. Одвреме-навреме попушташе неговиот срцев мускул и слабееше функцијата на бубрезите. Тие проблеми не го спречуваа Тито да биде активен во текот на 1979 година, кога ги посети Кувајт, Ирак, Сирија, Јордан, СССР, Алжир, Либија и Куба, да оди на самитот на Неврзаните во Хаити, и на крајот во Романија, последната држава која ја посети. Најмногу патеше од болки во нозете, поради кои, додека одеше се потпираше на бастун.
На дочекот на 1980 година во военото ловиште во Караѓорѓево беше очигледно дека тешко се движи, па одлучивме веднаш да го однесеме во Клиничкиот центар во Љубљана, каде одеше на редовна контрола. Љубљанскиот професор Миро Кошак ме повика на 2 јануари и ми кажа дека мора итно да го носиме Тито во Љубљана…Тоа беше почетокот на крајот на Маршалот”, кажал за крај д-р Лалевиќ.