ОТВОРЕНО ПИСМО НА ПСИХИЈАТАРКА: Министре Спасовски, зауздајте ги агресивците во МВР!


Лекарката раскажува за вчерашна немила случка со агресивен пацинет и однесувањето на дел од полицајците кои биле повикани во болницата.

Психијатарката Ацка Тушевска Јованова исптати отворено писмо до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и, како што наведува, до останатите засегнати, кое го објавуваме интегрално:

„Почитуван министре Спасовски,

Се викам Ацка Тушевска Јованова, доктор сум специјалист по психијатрија на одделението за невропсихијатрија во една општа болница во Македонија. Морам да ви раскажам за една ситуација која ми се случи мене и на мојот персонал попладнево за време на моето дежурство.

Некаде околу 10 минути до 19 часот дојде еден пациент во силна агресивна состојба, донесен од негов познаник/пријател на кој пациентот му се јавил дека „не му е добро, не знае кој е, не се препознава и дека има проблем со главата…“. Пријателот го доведува во Општата болница, на нашето одделение за невропсихијатрија мислејќи дека е на адекватно место за помош на пациентот, иако по протокол пациентите со акутна интоксикација од некоја психоактивна супстанција (алкохол, дрога, лекови…) се лекуваат на Интерно одделение за да се обезбеди стабилизација на витални функции и детоксикација, а потоа кај психијатар за понатамошен третман и медикација. Пациентот од она што можев да проценам во ходникот (не сакаше да влезе во ординацијата) се тетеравеше и беше под дејство на халуцинации, од причинител што во моментот не можев да го одредам. Бидејќи беше исклучително агресивен (ги откорна седиштата на клупите за пациенти), на пристојна далечина пробав да му ги амортизирам изливите на бес и агресивност и да го убедам да легне во собата за интервенции за да можеме да направиме преглед и соодветно да вклучиме терапија. Уредно повикав интернист кој дојде во моментот, но поради агресивноста на пациентот и тој не можеше да интервенира. Драмата продолжи и понатаму, придружникот не знаеше ништо за пациентот (генералии), сестрите на одделението пробуваа да го најдат пациентот во системот за „Мој термин“, но безуспешно. Тоа и не е некоја пречка зошто во истиот систем имаме графа за непознато лице и можеме да интервенираме без проблем. Кога видов дека агресивноста не се смирува (оштетување на инвентарот и агресивност кон сите присутни, меѓу кои и пациенти кои примаа терапија), буквално ги евакуирав сите, вклучително и мојот персонал и дадов наредба да се повика болничкото обезбедување, а потоа и полиција. Болничкото обезбедување дојде веднаш, не сум запознаена кои се нивните ингеренции, тие беа само присутни во истата просторија со мене и пациентот. Полицијата на повик дојде за отприлика половина час и тоа неколку (3-4) полицајци. Голготата продолжи. Пациентот продолжи да е агресивен, полицијата ги тренираше своите вербални способности. Толку. Не знам пак кои се нивните ингеренции, но се сеќавам на едно минато време (пред 11 години и многу повеќе) кога полицајците носеа лисици, пендраци и пиштоли (ајде да не претеруваме…).

Во меѓувреме пациентите кои доаѓаа за преглед, или си заминуваа од страв или се пикаа по собите дури да излезат на безбедна дистанца (среќа што немаше животозагрозен пациент како на пр. мозочен удар, крвавење итн). Бидејќи беше време за посета на болничките пациенти, она што можев да направам е да наредам да се заклучи целиот оддел од внатре и надворешната врата од надвор за да не настрада некој случаен посетител. Ова го опишувам за да добиете слика колку беше сериозна ситуацијата.
Она што јас како дежурен лекар и психијатар имам за обврска да постапам е, агресивниот пациент во присуство на полициско обезбедување и наша медицинска сестра, да го испратам во Специјална психијатриска болница во нашиот географски реон, каде би реагирале соодветно за смирување на агресивноста и психотичноста на истиот (искрено не бев многу сигурна дека и таму би го примиле, можеби да, а можеби не… агресивноста што пациентот ја покажа е сериозна закана по здравјето и животот на кој било медицински персонал). Не би ги окривила, јас приватно, а професионално, повторно не би ги окривила, но не се колегите тема на писмово.

Мојата дилема како лекар кој професионално ја извршува својата задача во овие тешки времиња за докторите беше: ако го пуштам, има големи шанси да излезе и да повреди некој или помалку веројатно, да се повреди самиот. Така, носам одговорност и пред законот и пред мојата совест и заклетва. Од друга страна, ако го испратам во Специјалната психијатриска болница, тогаш можеби ќе го навлечам неговиот бес и желба за одмазда, а јас сум човек од крв и месо и имам страв за сопственото здравје и за безбедноста на своето семејство. Јас се одлучив за ова второто, свесна за последиците, верувајќи дека постапувам законски и правилно. Не, не сум херој, но не сум кукавица! Во меѓувреме драмата со агресивниот пациент продолжува, полицајците беа исклучително кректни, не го ни допреа. Толку коректни што јас инсистирав да застанат како штит меѓу мене и пациентот. Беа исто така разговорливи, цело време го убедуваа пациентот да биде културен кон мене, да не ме навредува. А психотичен пациент ко’ пациент! Ме почести со најсочните и највлажните изрази на својата потсвест која кулминираше од време на време со благо насрнување кон мене (Нејсе, мојот интимен живот не е предмет на опсервација). Не се жалам, психијатријата ја одбрав од љубов и свесна сум дека и тоа е дел од мојата специјалност. Немам ни трошка непријателство спрема пациентот. Така му дошло!

Она што многу, многу ми засмета и богами ме исплаши, беше несигурноста што ја чувствував и стравот што цело време ми стоеше во грлото. Имав најмалку 6 мажи покрај мене, а јас и мојот персонал бевме преплашени! Имав полиција покрај мене, а јас во секој момент очекував да добијам бокс кој би ме патосирал!

Елем, да продолжиме. Полицијата е на интензивна телефонска врска со своите претпоставени. Полицаецот ми го дава дежурниот, јас разговарам со него, возбудена! Ќе речите психијатар си! Да, ама и јас се плашам. Дежурниот ми го дава водителот на смената, тој ми објаснува не-знам-што, не запамтив, ме убедува дека полицајците ќе го совладаат колку да му стават лисици и ќе го транспортираат на посакуваното место. Болничкото возило се спремно, налози, упати, се е потпишано… Еден од полицајците ме замолува да се јавам во една од специјализираните болници и да договорам со колегите сигурен прием таму, но пациентот сè уште не е совладан. Настапува мало олеснување, излегуваат во ходникот кој нашето одделение го дели со Педијатриското одделение. Немо набљудуваме низ матносто стакло дали и зошто се уште тука. И така околу 30 минути. Пациенти чекаат, некои помалку итни ги враќам дома, останатите ги прегледувам. Групата составена од болничко обезбедување, полицајци и пациентот се сè уште во ходникот. Слушаме силен удар, нешто се крши… пациентот е повторно немирен…

Во случаи кога имаме некоја дијагностичка дилема со пациенти го повикуваме докторот од нашето одделение кој е во активна приправност тој месец. Мене професионална помош не ми беше потребна, ми беше потребен началникот на одделението. Како колега, како авторитет и најважно како машка фигура. Му се јавив, дојде најбрзо што можеше. Во меѓувреме, јас како одговорна за одделот, (за персоналот на кој не му дозволив да се доближи до пациентот) и за пациентите, излегов во ходникот да видам што се случува. Во натегање што кој треба да направи, еден од полицајците (не му го запамтив името, а го знам по опис, ако требаат податоци на Вашата внатрешна контрола) ми се обрати на начин кој не му доликува нему, а уште помалку кога разговара со лекар.

Понесена од решението да не бидам канта за емоционални отпадоци и непочитување, му се обратив дека нема да го толерирам неговиот однос кон мене и дека треба да разговара со мене на културен начин. Ми рече „која си мори па ти, која си ти да кажуваш?“… и се исправи на кај мене, претпоставувам на начин на кој што обично го покажува својот авторитет кон својата клиентела…не запамтив понатаму што сè изрече, имав поважна работа. За воља на вистината, тој мал инцидент во целокупнава неприлика ме навреди повеќе.

Нејсе, по кратко време дојдоа другарите на пациентот, го смирија некако (им благодарам) и истиот се согласи да прими терапија. Морам да напоменам дека кога пациентот беше агресивен, имав неколку сугестии дека треба да прими (и која) терапија, од некомпетентни лица, се разбира. Одбив од две причини, прво не можам да го седирам, а да не знам што злоупотребувал и втора причина, не дозволив да ги ставам сестрите во ризик да му се приближат на силно агресивниот пациент. Не, не сум херој, но не сум ни кукавица! Како и да е, во времето кога стигна нашиот началник, пациентот веќе беше на добра воља да прима терапија, повторно заради другарите, а ние заеднички изнајдовме друго решение заради еден податок кој го дознавме многу доцна, пациентот да остане безбеден за себе и околината, а да не се упатува на присилно лекување (детаљите намерно ги изоставам, заради приватноста на пациентот). За време на примањето на терапијата, јас цело време бев присутна, но не во истата просторија со пациентот со намера да не му го предизвикувам уште повеќе бесот што ги беше навлекол на мене. Сестрите веќе можеа безбедно да работат. Другарите на пациентот беа тука. Повторно им благодарам! Полицијата исто беше тука, не сум сигурна дека им благодарам (чест на исклучоците меѓу тие, присутните). На крај на недовршената апликација на терапијата (пациентот ја истргна насилно иглата), добив од сестрите информација дека пациентот бил подобар, во договор со началникот на одделението додадена беше и таблетарна терапија и пациентот веќе не беше толку агресивен и опасен. Си замина во придружба на полицијата и другарите.
Да напоменам дека мојот сопруг цело време беше на готовс, на мој повик да дојде и да ме заштити.

Е сега, што ми беше мислата и обраќањето до Вас почитуван министре: приберете си ја полицијата, направете ја во институција во која ќе имаме доверба и мир! Зауздајте си ги агресивците во Вашите редови, да можеме мирно да работиме! Научете ги незнајковците, како се работи професионално! Направете сè во Ваша моќ ова црнило од перспективи да се намали. Направете да имаме желба мирно да работиме, живееме и твориме. Ќе не барате! Ова ви го ветувам јас и стотици лекари кои се предмет на напади на работното место. Светот е премал за нас, ние лекарите сме бубалици, еден странски јазик помалку или повеќе не ни тежи на интелектуалниот капацитет!

П.С. Се размислував дали ова да Ви го испратам лично во порака. Се одлучив да биде јавно, со цел да ја сензибилизира јавноста. Барем тие што разбираат што зборувам. Страв ми е од последици, ова го пишувам свежо, под наплив на емоции, свесна сум дека ако „го преспијам“ можеби ќе се обесхрабрам, предомислам. Но не, не сум херој, но не сум ни кукавица!

П.П.С До пациентот: дојди ако не ти е добро, ќе се потрудам да ти помогнам од сè срце. Дојди кога нема да се плашам од тебе и кога ќе има кој да ме заштити“, порачува лекарката Ацка Тушевска Јованова.

Plusinfo.mk

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1