Некои од македонските градоначалници не само што управуваат со богати општински имоти, туку некои од нив можат да се пофалат и со големо лично и семејно богатство вредно и по неколку стотици илјади евра, пишува Утрински весник.
Судејќи според нивните анкетни листови доставени до Државната антикорупциска комисија, тие се сопственици на куќи, станови, земјоделски земјишта, шуми, а некои и со семеен накит и уметнички слики.
Од 84–те градоначаници, на врвот по богатството е првиот човек на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски кој поседува голем движен и недвижен имот.
Покрај куќата од 250 м2 во Крива Паланка и станот од 86м2 во Скопје, тој има и викендичка од 92 м2 во село Ранковце. Неговата сопруга има две куќи за одмор во село Узец и во Длабочица од 15 м2 и од 40 м2. Арсениевски е сопственик и на две земјишта во село Мартинци, а побарува и заем од 50.000 евра даден во 2005 година, како и од 10.000 евра во 2009 година. На свое име има четири девизни книшки во вредност од 163.000 евра и една денарска на 32.000 евра, додека неговата сопруга има орочено 23.000 евра на девизна книшка и над 10.000 евра на денарска. И двете деца имаат свои девизни и денарски сметки, во кои има идентични износи – по 30.000 евра секој од нив во девизи и по 6.600 евра во денари.
Еден од градоначалниците што дава најмногу заеми е Стевчо Јакимовски од Карпош, кој во четири наврати дал заеми, но и без нив има пристојни износи на средства на денарски и девизни сметки на свое име и на име на сопругата.
И градоначалникот на општина Струмица и лидер на СДСМ, Зоран Заев чие богатство е предмет на чести опсервации на владејачката партија влегува во групата на општински татковци со богато банковно салдо и имот. Со сопругата имаат заеднички имот куќа од 400 м2 и стан од 65 м2 во Струмица, како и деловен простор од 60 м2 и земјоделско земјиште од 4 хектари во с. Муртино. Негов личен имот е „ауди 6“, вредно 984.000 денари или околу 15 илјади евра, додека на име на неговата сопруга се води „сеад леоне“. Брачниот пар Заеви поседуваат и акции во вредност од речиси 197.000 евра. Лидерот на СДСМ побарува по основ на даден заем околу 70.500 евра, а на неговата банкарска сметка лежат околу 16.130 евра. Околу 18.600 евра на име на децата, а околу 2.500 на име на сопругата.
„Мојот анкетен лист е достапен на јавноста. Јас сум транспарентен политичар и тоа е она што со мојот работен век од 17 години и со моето семејство го имаме создадено“, рече Заев во едно од своите гостувања на МТВ.
Поранешната вицепремиерка Теута Арифи и актуелна градоначалничка на Тетово, пак, може да се пофали со станови на свое име. Таа има четири стана од кои три со големина од по 90 квадратни метри, од кои два се во Скопје, а едниот во Тетово. Таа има уште еден стан од 60 квадрати во главниот град, додека нејзиниот сопруг врховниот судија Шпенд Деваја има сопствен стан од 40 м2. Арифи пријавила и хонорар како универзитетски професор од 30.000 денари за академска година, кредит, како и автомобили „шевролет каптива“ и „цитроен ксара“.
Првиот човек на Битола,Владимир Талески поседува три стана,од кои два се на негово лично име (со површина од 70 и 52 м2),а третиот од 46 м2, на име на неговата сопруга. Талески вози „цитроен ц5“, а неговата сопруга по основ на наследство е сопственик на накит во вредност од 360.000 денари. Брачниот пар има и одделни банкарски сметки, од кои онаа на градоначалникот тежи 2.969.317 денари (околу 48.600 евра), а онаа на сопругата 764.255 денари (или 12.500 евра). Заеднички им е кредитот земен во 2009 година со рок на отплаќање од 5 години во вредност од 1.009.209 денари или околу 16.500 евра.
Целата листа ОВДЕ.
Извор/фото: Утрински весник