Според сите досега објавени плати на менаџери на компании чии акции се котирани на берзата, Таневски е најдобро платениот менаџер, пишува Фактор.мк.
Долгогодишниот директор на најголемата македонска хотелиерска компанија „Македонијатурист“ Доне Таневски е еден од најдоброплатените менаџери во земјава покажуваат официјални податоци од извештајот на ТТК банка во чиј Надзорен одбор членува Таневски. Неговата нето плата како генерален директор на „Македонијатурист“ изнесува 10,35 милиони денари нето за 2015 година што значи дека неговите месечни нето примања по основ на плата се 826.877 денари или околу 14.000 евра, покажуваат податоците објавени во годишниот извештај на ТТК банка.
Според достапните податоци Таневски освен плата која ја остварува како генерален директор на „Македонијатурист“ лани од таа компанија добил и околу 1 милион денари од бонуси и од осигурување. Таневски освен што е долгогодишен генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Македонијатурист“ воедно е и најголем поединечен акционер во таа компанија и поседува 19,8 отсто од акциите со право на глас. Во годишниот извештај на ТТК банка може да се види дека Таневски добива и надоместок како член на Надзорниот одбор на таа банка и тоа од 244.373 денари и бонус од 123.300 денари за своето учество во работата на тој орган на управување на ТТК банка.