Ланецот супермаркети “Рамстор” влегува во испразнетиот простор на “Карфур” во скопскиот трговски центар “Сити мол”. На спуштените ролетни на некогашен “Карфур” вчера имаше закачена најава, напишана на македонски, албански и на англиски јазик “Отвораме наскоро”, пишува СкопјеИнфо.
“Да, можеме да ви потврдиме дека го изнајмивме просторот во кој до неодамна работеше ‘Карфур’. Потпишан е договор за закуп на локалот со менаџментот на ‘Сити мол’, и отворањето на супермаркетот ќе биде во втората половина на април”, велат од “Рамстор”.
Оттаму велат дека продавницата во “Сити мол” ќе биде 21. продавница на “Рамстор” отворена во земјава, но и најголема во Македонија, со 4.580 квадратни метри.
“Не планираме да ги преземаме вработените на ‘Карфур’. Дел од вработените ќе бидат прераспределени од другите наши продавници, а дел ќе бидат избрани преку оглас. Во тек е огласот за нови 82 вработувања”, велат од “Рамстор”.
По затворањето на “Карфур”, кој остави огромни долгови кон набавувачите, за просторот во “Сити мол”, освен “Рамстор”, во трка беше и грчки “Верополус”, кој на македонскиот пазар со години е присутен со супермаркетите “Веро”. Хипермаркетот “Карфур” беше присутен на македонскиот пазар четири години, а на вработените им остана должен две плати.
Огласот за вработување во Рамстор може да го видите тука.
СкопјеИнфо.мк