Надја Мурад Басе Таха е од племето јазиди, а нејзиниот кошмар почнал на северот на Ирак кога џихадистите влегле во нејзиното село во август минатата година и ја одвеле во Мосул.
„Довезоа автобуси и во нив натрупаа 150 семејства. Нѐ малтретираа во текот на целиот пат, нѐ тепаа и нѐ допираа“, ја почна својата приказна Надја, која тогаш не ни претпоставувала дека најлошото допрва следи.
„Нѐ одведоа во некоја зграда која беше полна со заробени јазиди. Нѐ имаше неколку илјади. Жените и децата ги разменуваа како подароци. Во еден момент ми пријде еден маж и веднаш ме повлече за раката. Сакаше да ме земе со себе. Кога ја кренав главата, видов огромен маж. Изгледаше како чудовиште“, кажа таа.
„Почнав да викам „Јас сум премлада, а ти си огромен“. Ми удри шлаканица, а потоа и ме претепа“.
Неколку минути подоцна ѝ пришол друг маж, раскажува Надја.
„Овој беше прилично помал, а јас го молев да ме земе со себе. Едноставно, првиот толку многу ме исплаши што бев спремна на сѐ друго… Прво ме праша дали ќе ја сменам религијата, што нормално го одбив. Потоа ме праша дали ќе се венчам за него“.
Тогаш тој терорист ја зел за рака и ја одвел во својата соба.
„Тоа беше ноќ на пекол! Прво ме претепа, а потоа ми кажа да се соблечам. Ги викна стражарите кои се изживуваа врз мене сѐ додека не се онесвестив“, кажа Надја.
Младата девојка со својата приказна целосно ги шокирала членовите на Советот за безбедност на Обединетите нации. На крајот, таа од нив побара само едно нешто.
„Ве преколнувам, целосно уништете ја Исламска држава!“