Колку е бенефитот од кочијата ако трошоците за нејзиното одржување се движат околу 5000 евра месечно или 60 илјади евра годишно и тоа за специјалниот третман само на коњите и нивна вакцинација, праша советникот Зоран Шапуриќ од ЛДП на вчерашната седница во Град Скопје со единствена точка на дневен ред – советнички прашања.
– Набавката на двата липицанери од Грција пред една години чинеше 30 илјади евра, само месечно сега за нивно одржување се трошат 5000 евра и тоа ако се изостават трошоците за плаќање на обучувачите на коњите кои се од Србија. Толкав е расходот, а колку е бенефитот од стопанисување со кочијата ако се знае дека ЈП “Паркови и зеленило”, кое стопанисува со кочијата веќе една и пол година, мака мачи со исплата на платите. Ова претпријатие има доволно донации, но нема субвенции, вели Шапуриќ.
Директорот на ЈП “Паркови и зеленило”, Душан Авировиќ посочи дека набавката на пајтонот е направена по одлука на Советот на Град Скопје со цел развој на туризмот во градот.
– Јавното претпријатие има трошоци за овој проект, но таа цифра е двојно помала од она што ја изнесе. За реализација на овој проект ЈП “Паркови и зеленило” доби одредена сума, односно 2 643 илјади денари. Во текот на оваа година претпријатието ќе мора пак да се обрати за помош до Град Скопје, бидејќи соодносот меѓу приходот и расходот за пајтонот се неповолни, истакна Авировиќ.