На голем број од американската популација им пристигнало писмо по електронска пошта, наводно, од поранешниот претседателски кандидат на САД, Херман Кејн во кое пишува за постоењето на тајното пророштво од Библијата кое најавува напад на Русија врз САД.
Ова го објави телевизијата MSNBC, при тоа откривајќи дека авторите на писмото сугерираат дека граѓаните на САД треба да ги остават своите бизниси и да го погледнат”краткиот независен документарен филм зад затворени врати. Најдобро е да сте сами.”
Исто така, во писмото е истакнато дека американскиот претседател Барак Обама и лидерите на американските цркви намерно го криеле пророштвото кое предупредува дека во 2017 година Русија ќе ја нападне Америка и тоа со помош на електромагнетни бомби кои ќе убијат 80 отсто од Американците.
На Американците исто така им се препорачува и единствен начин за да се спасат од неволјата – да го купат филмот “Како да го преживеете крајот на светот?” за само 49 долари.
Во самиот филм, покрај другото се истакнуваат и зборовите “Не би сакал да сум татко кој беспомошно гледа во очите на своите деца – само затоа што не се подготвил на време”.
Херман Кејн беше кандидат на Републиканската партија за претседател на САД на изборите во 2012 година.