Поглаварот на католичката црква, папата Франциско го нарече интернетот „божји подарок“ за комуникација меѓу луѓето и за водење дијалог, но ги предупреди католиците да не ја бараат преку него апсолутната вистина.
Во посебната порака испратена од Ватикан, папата предупредува дека опседнатоста да се биде постојано поврзан, може да ги изолира луѓето од нивните семејства и од пријателите.
Пораката се однесува на комуникацијата на црквата во сегашната дигитална ера, како и на значењето на таквата комуникација, за верата и за верувањето кога таа ќе се рашири низ светот, делувајќи меѓу луѓето од другите религии и во други средини.
Ваквата порака, за која во Ватикан велат дека таа сепак нема значење на ново учење, нема да им се допадне на конзервативните делови на католичката црква, особено што папата им сугерира на католичките верници да не бидат арогантни при комуникацијата со другите, со тоа што ќе инсистираат дека само католиците го имаат правото на вистината.
– Да се води дијалог значи да веруваш дека другиот има нешто вредно да каже, вели папата Франциско, порачувајќи дека вклучувањето во дијалогот не значи само изнесување на сопствените, католички идеи и традиции.
Толкувањето на папата за меѓуверскиот дијалог во сегашните нови услови, со постоењето на интернет комуникацијата, Франциско го покренува значењето на меѓуверскиот дијалог.
Неговиот претходник, папата Бенедикт Шеснаесети, исто така, заговараше меѓурелгиозна комуникација, но во Ватикан велат дека пораката на сегашниот поглавар на католочката црква има „помек и поприфатлив приод“.