52 годишен пациент од Куманово утринава во 9 часот се самоуби фрлајќи се од прозорецот на болничката соба на Клиниката за пулмологија, дознава НОВА. Според очевидци на настанот пациентот скокнал од прозорецот од клиниката која се наоѓа на првиот кат, по што веднаш починал.
МВР го потврди случајот.
„Пациентот веднаш бил пренесен во Ургентниот центар каде што е констатирана смрт. На лице место утринава излегол јавен обвинител“, потврдија за НОВА во МВР.
Неофицијално, од лекарски извори НОВА дознава дека човекот имал тешко пореметување на работата на срцето и беа зачудени зошто бил хоспитализиран на пулмологија, а не на Клиниката за кардиологија.
Пациентите утринава беа вознемирени од немилиот настан. Само пред еден месец со скокање од вториот кат на Клиниката за гастроентерохепатолија се самоуби пациент од Скопје.