45 – годишниот лекар и 29 годишната специјализантка од Клиниката за уво, нос и грло вчера се фатени на дело со парите.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР на РМ на вчера (23.12) реализираше случај на примање поткуп, за што се осомничени лицата Ј.Н (45) од Скопје, вработен како доктор на Универзитетска клиника за уво, нос и грло во Скопје, и Н.П (29) од Скопје со статус доктор специјализант на истоимената клиника.
Двајцата осомничени на почетокот на месецот на пациентка и побарале 450 евра мито за да и се извршат две операции на носот. Таа случајот го пријавила во МВР од каде и биле дадени обележани банкноти, кои требало да му ги предаде на докторот.
Полицијата вчера освен во домовите на уапсените, вршела претреси и во Клиниката за уво, нос и грло. Осомничените се приведени во станица, а Обвинителството ќе им поднесе кривична пријава за примање поткуп.
Истрагата на МВР ќе продолжи и натаму за да се утврди дали пациентката им била прва жртва на тандемот лекари или и претходно работеле по принципот прво пари, па операција.