Над 320 илјади гласови во корист на опозициониот кандидат според мене се храброст во овие услови и им честитам на сите кои гласаа денеска за опозицијата. Сакам да порачам дека борбата не е завршена.
Ни претстои вториот круг, јас имам намера до последниот ден да се борам за концептот, идеите и вредностите во кои верувам.
Почитувани, уверен сум дека во вакви услови на систематски притисок и на систематски закани и уцени од досегашната структура на власт можеме да дојдеме до победа на 27-ми. До сите оние кои денеска гласаа за мене и за нас и до сите оние кои денеска не излегоа на гласање од најразлични причини им порачувам една работа, немојте да паѓате со дух, борбата не е завршена, изјави Пенадаровски
Заев: Ова не е волјата на народот, ќе го разберат тоа на 27-ми април
Резултатот од првиот круг за избор на претседател на Република Македонија не е воопшто очекуван ниту од нас како опозиција, ниту според наше верување од мнозинството граѓани на нашата земја, рече вечерва претседателот на СДСМ Зоран Заев.
-Во изминатиот период бевме сведоци на масовна поддршка на опозицијата и нашиот кандидат за претседател на државата. ВМРО-ДПМНЕ исплашена од губењето на власта, преку системска кражба на гласови во деновите пред и на денот на изборите ја спречи волјата на граѓаните. Крајниот резултат е нов удар врз кревката демократија во Македонија. Но, граѓаните на Македонија ја знаат вистината. Да не дозволиме режимот да триумфира.
Во вториот круг ќе имаме сосема различни резултати. Ќе бидеме уште помасовно присутни на избирачките места, а во меѓувреме ќе бидеме насекаде низ Македонија заедно со граѓаните. Нема да дозволиме демократијата во Македонија да биде прегазена по којзнае кој пат. Борбата за слобода и демократија продолжува- рече Заев.