Пензионерите добија повисоки пензии


Пензионерите овој месец добија повисоки пензии, а висината на зголемувањето кај секого e различна во зависност од основната пензија, некои добиле и по 1.000 денари плус, а оние со повисоки пензии и по 1.500 денари.

Пензионерите задоволни од зголемувањето, но во дилема на што се должи тоа.

Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека пензиите двапати во годината се усогласуваат со порастот на трошоци за живот.

„Со исплата на септемвриската пензија на почетокот на октомври ќе се изврши усогласување на пензиите за 2018 година за 1,8% кое се прави согласно со порастот на платите и трошоците на живот. Во износот на оваа исплата, ретроактивно ќе биде вклучено новото усогласување на пензиите од 1,8% за месеците јули и август. Тоа значи дека износот на средствата што пензионерите ќе гo добијат во октомври како септемвриска пензија ќе биде повисок во споредба со износите на исплатените пензии за месеците јули и август. Со октомвриската пензија, пензионерите редовно ќе си добиваат усогласен износ на пензија со вклучени 1,8%, но без дополнителни разлики од претходниот период“, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.

До крајот на неделава сите пензионери во државата треба да ја добијат зголемената пензија.

Просечната пензија за месец септември во Република Македонија со вклучено усогласување од 1,8% изнесува 14.500 денари, а во септември 2016 година изнесувала 13.106 денари .

Ова е второ усогласување на пензиите годинава. Првото усогласување на пензиите беше направено на почетокот на 2018 година и изнесуваше 1,69%.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1