Пет загинати и 36 ранети во експлозијата во Истанбул


Пет лица загинаа и најмалку 36 други се ранети, од кои 12 странски државјани се со тешки повреди, во самоубиствениот бомбашки напад кој одекна во саботата на авенијата Истиклал во центарот на Истанбул, пренесуваат турските медиуми.

Нападот се случи на улицата Бало пред канцеларијата на локалниот гувернер во општината Бејоглу, и започната е темелна истрага за нападот, изјави за медиумите гувернерот на турскиот мегалополис Истанбул, Васип Шахин.turcija

Министерот за здравство Мехмет Муезиноглу соопшти дека се ранети 36 лица, од кои 12 се странски државјани во тешка состојба и едно дете. Според него, во истанбулските болници седум жртви се во критична состојба.

Агенцијата Doğan јавува дека е потврдено загинувањето на пет лица во самоубиствениот бомбашки напад на популарната пешачка зона на авенијата Истиклал, како и дека меѓу ранетите има тројца државјани на Израел. Оваа зона долга три километра во текот на викендите ја посетуваат повеќе од три милиони домашни и странски туристи.

Портпаролот на израелското министерство за надворешни работи Емануел Нахсон потврди дека се ранети израелски државјани, но за Reuters не можел да ја потврди нивната бројка.

Во јануари 12 туристи, претежно германски, загинаа во Истанбул во сличен самоубиствен бомбашки напад за кој турските власти ја обвинија екстремната сунитска организација Исламска држава.

Висок турски функционер за Reuters, кој барал да остане анонимен, изјавил дека првичните сознанија укажуваат дека забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) или некоја од нејзините фракции, стојат зад нападот. Според него, напаѓачот бил спречен да го изведе нападот како што планирал, бидејќи бил забележан од полицајци и ја активирал бомбата „од страв“.

Скин, вокалиститот на светски познатиот британски бенд Skunk Anansi, бил меѓу очевидците на нападот. „Голема експлозија на бомба пред нашиот хотел. Јас сум во ред, многу сум потресен, мртви луѓе, ужасни слики“, напиша пејачот на Twitter веднаш по експлозијата која одекна околу 11 часот.

Овој напад доаѓа шест дена по големата експлозија на автомобил бомба во турската престолнина Анкара, кога минатата недела загинаа 35 луѓе. Одговорноста за нападот ја преземаа милитантите од организацијата Курдски соколи на слободата (ТАК), која се смета за отцепена фракција од РКК. Кон крајот на февруари ТАК ја презема одговорноста, исто така, за големиот напад со автомобил бомба во Анкара кога беа убиени 29 луѓе.

Поради постоење информации за можни бомбашки напади, Германија ги затвори од четвртокот своите дипломатски мисии и образовни институции во Турција. Американската амбасада во Анкара издаде соопштение за своите државјани да ги имаат предвид мерките за претпазливост, наведувајќи дека овој викенд се одбележува Курдската нова година – Невроз, како и дека на големите настани може да дојде до судири и насилства. Амбасадата на САД, исто така, потсетува дека цели на терористичките организации во последно време беа железничките и автобуските станици, институциите на турската влада и јавни простори.

Турските коментатори предупредуваат дека комбинираниот ефект од терористичките напади, војната во соседна Сирија и остриот дипломатски според со Русија, може да има разурнувачки ефект врз виталниот за Турција туристички сектор.

Незапирливиот бран насилства во Турција започна минатото лето, кога во југоисточниот дел се случи џихадистички напад врз курдски активисти, а курдските милитанти ја преземаа одговорноста за убиство на двајца турски полицајци. Потоа следеше најголемиот терористички напад изведен на турска територија, на централната железничка станица во Анкара, која беа убиени 105 луѓе, активисти на прокурдски и левичарски организации и движења. Турските власти за овој напад ја обвинија Исламската држава.

Во меѓувреме се разгоре вооружениот конфликт во југоисточниот мнозински курдски дел од Турција, по двегодишниот прекин на огнот и пропаѓањето на мировните преговори меѓу владата во Анкара и историскиот челник на РКК, Абдула Оџалан, кој е во заточение во близина на Истанбул. Во борбите загинати се стотици луѓе, вклучително и цивили, а забележано е масовно напуштање на домовите на цивилното население, поради воените операции на турските безбедносни сили против курдските герилци.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1