Несогласувањата кои почнаа пред локалните избори кулминираат пред вториот круг од гласањето, а се поголем број приврзаници на Бранко Црвенковски се одлучуваат да излезат од неговата коалиција, пишува весникот “Вечер“.
Како што пишува весникот, пратеникот Драгиша Милетиќ, лидер на СНС, најави прегрупирање во пратеничките групи во Собранието. Во иднина ќе се формира нова пратеничка група, вели Милетиќ, која нема да биде под диктат на СДСМ. Милетиќ потенцира дека е во контакт со членови на СДСМ, но и пратеници кои го делат неговиот став.
Во последниве неколку месеци сите неистомисленици кои имаа различен став од ставот на Црвенковски во неколку наврати беа исклучувани од СДСМ.
Поранешни и актуелни високи функционери во партијата експресно беа избришани од Бихаќка”, откако и се спротивставија на тогашната одлука на Бранко Црвенковски дека локалните избори треба да се бојкотираат.
Стевчо Јакимовски во 5 до 12 одлучи да му каже нее на Црвенковски, и кандидатура за Карпош поднесе со печатот на СНС на Милетиќ. Милетиќ е задоволен од советничките места кои ги освои неговата партија.
“Сега за сега сме фокусирани на локалните избори. Без оглед на понатамошните одлуки на опозицијата, јас во секој случај ќе си останам пратеник во Собранието, нема шанса да се откажам. Кога ќе се вратиме во Парламентот, ќе се формира посебна пратеничка група, која ќе делува опозициски, но нема да делува заедно со СДСМ. Веќе разговарам со некои пратеници кои бараат да се формира таква посебна пратеничка група“, изјавил Милетиќ за Вечер.
И Титовите леви сили на Слободан Угриновски одлучија да го напуштат Сојузот за иднината предводен од Црвенковски. Јавно му дадоа поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за општина Центар, Владимир Тодоровиќ.
“Општина Центар е неразделив дел од градот Скопје, затоа ќе мора да внимаваме кој човек ќе биде на чело на општината. Владимир Тодоровиќ е човек кој знае да прави дела и знае како да ја води општината“, изјави Слободан Угриновски, претседател на Титови леви сили.
Потегот на Угриновски укажува дека лидерот на СДСМ го губи политичкото влијание. Не само што не може да ја соедини целата опозиција во едно, туку на повидок е распаѓање и на коалицијата што ја предводи. Политикологот Владимир Божиновски цени дека по локалните избори постои незадоволство во опозицискиот Сојуз за иднината и кај СДСМ од една страна, и кај помалите коалициони партнери од друга страна.