За само една година 5 члена на Советот за јавни набавки си поделиле плати од 126.000 евра. Најмногу се офајдил Зоран Трајановски со 27.000 евра, а „најтенок“ е Суад Зејнуловиќ со 24.000 евра.
Членовите на Советот за јавни набавки (Ивица Костојчиноски, Златко Арсов, Зоран Трајановски, Суад Зејнуловиќ и Борче Христов) имаат повисоки плати дури од претседателот, шефот на парламентот и премиерот на Република Македонија. Ова се податоците до кои дојде Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, користејќи го законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, објави Инбокс7.
Како што пишува Инбокс7, покрај платите, на членовите на Советот за јавни набавки им следуваат и по 1.860 денари за телефон и по 1.500 денари за угостителски услуги, а на Костојчиноски, државата му плаќала и кирија и комуналии за стан во Скопје во висина од 250 евра месечно.
– Платата на членовите на Советот за јавни набавки е утврдена согласно со Одлуката за утврдување коефициенти за пресметување на плата на функционери кои ги именува Владата. Оваа одлука ја носи Владата и е објавена во Службен весник на РМ со сите измени и дополнувања – објаснува директорот на Бирото за јавни набавки, Александар Аргировски за Инбокс7 и додава дека Бирото за јавни набавки воопшто не одлучува за висината на платата на овие функционери.
Претседателот Ѓорѓе Иванов, како највисока хиерархиска функција, има плата од 76.786 денари.