Состојки: 600 г брашно, лажичка сол, 100 мл млако млеко, 200 мл млака вода, една кесичка квасец во прав или 15 грама свеж квасец, половина лажичка шеќер, поголема топка моцарела, 200 г рендано сирење (гауда, ементалер или нешто слично) и суџук сечен на крукчиња.
Приготвување: во еден сад измешајте ги млекото, водата, шеќерот и квасецот. Оставете ја така течноста околу 10 минути додека квасецот да почне да дејствува (да направи пена на површината од течноста).
Во миксер за месење ставете ги брашното и солта. Додајте ја течноста со квасецот, измешајте додека не добиете топка тесто. Оставете ја топката да нарасне (околу 40 минути). Таа треба да се зголеми двојно. Исечете ја на еднакви 8 до 10 дела. Тогаш загрејте ја рерната на 220 Целзиусови степени.
Размесете ги парчињата тесто во овални форми и ставете ги на претходно намастен плех, а врз нив додајте ги ренданото сирење и суџукот и потоа подвиткајте ги краевите.
Со матено јајце можете да ги намачкате краевите за да добијат убава боја.
Се пече на 220 степени околу 20 минути.
Nova Makedonija