Главниот виновник за трагедијата во Сурчин крај Белград е лидерот на екипажот, пилотот Омер Мехиќ, пишува во извештајот на експертската Комисија за истражување на падот на воениот хеликоптер. Во извештајот, во кој српски “Blic” добил увид, Комисијата вели дека било откриено присуство на алкохол кај “лидерот на екипажот и техничарот”.
Потсетуваме, воениот хеликоптер паднал на 13. март, а погинале сите седум лица кои биле во леталото, односно четири воени членови на екипажот, двајца здравствени службеници и болно бебе кое од Нови Пазар итно го пренесувале во Белград во болница. Дел од одговорноста имаат и другиот пилот и техничарот во пилотската кабина.
Евентуалната одговорност на контролорот на аеродромот “Никола Тесла” дополнително треба да се утврди, а постои и сомнение дека дел од одговорноста имаат и некои активни припадници на српската војска, но и одреден број на цивили, соопштило обвинителството, пренесува Blic.rs.
“Луѓе, ја гледа ли некој пистата? Мора да се кренеме” – тоа биле последните зборови на пилотот Мехиќ, забележани неколку секунди пред хеликоптерот да се урне.
Според вештаците, временските услови над Србија таа трагична ноќ биле тешки, но не и пресудни за трагедијата. Недостигот на гориво бил исклучен. Како што стои во извештајот, Мехиќ пред несреќата комуницирал со контролорот на лет, кој му рекол дека е на прагот на пистата и дека слободно може да слета.