Сараи Мохамад од Лондон ја освоила модната сцена, била баран модел за фотографирање… Но, нејзината кариера нагло завршила кога отишла под нож. Сега, деновите ги поминува затворена дома, жалејќи за одлуката да се подлегне на пластична операција.
Сè започнало со патување на Филипините, каде што имала закажано фотографирање за клиника за пластична хирургија. Пред снимањето, една докторка ѝ рекла дека има големи темни кругови под очите.
„Ги имаа моите фотографии и беа многу задоволни што јас ќе им бидам заштитно лице, а потоа докторката ми го рече тоа. Таа ми препорача револуционерна процедура со која се инјектира хијалуронска киселина под очите. Таа ми вети дека после тоа веќе никогаш нема да има проблеми со темни кругови под очите“, објаснува Сараи.
Заслепена од ветувањата, се согласила на корекција. Тоа била најголемата грешка која ја направила во животот. Будејќи се после анестезијата, почувствувала болен оток околу очите.
„Знаев дека нешто не е во ред затоа што очите ми беа потечени повеќе отколку што можев да замислам, дури и отежнато дишев, се чинеше како моето тело да ги отфрла филерите“, се присетува таа.
По враќањето во Англија побарала друго мислење и дознала дека лекарите, наместо ветената хијалуронска киселина, во лицето ѝ вбризгале трајни филери. Таа чекала уште шест месеци за да види дали нејзината состојба може некако да се подобри, но безуспешно. Повторно отишла во истата клиника на Филипините и барала да ја поправат штетата, но и овој пат операцијата завршила катастрофално.
„Докторката направила засек под моите очи и се обидела да ги извади филерите. Не успеала. За работата да биде уште полоша, постапката се искомплицирала па останав и без горниот дел од веѓите“, раскажува Сараи.
После сето тоа, се повлекла од јавниот живот и свет. Се затворила во својата куќа и живее осаменички начин на живот.
„Заробеничка сум во сопствената куќа. Порано шетав на пистите пред илјадници луѓе, а сега не можам да се осмелам да излезам ниту на улица“, признава таа.
Неодамна била на трета корективна операција кај врвен фацијален хирург кој успеал да ги извади филерите и да ѝ ја затегне кожата на лицето поради поубав изглед, со оглед на тоа што фаталните инјекции ѝ ги уништиле мускулите.
„Откако отоците стивнаа доволно за да можам да ги отворам очите и да ги видам резултатите, останав пријатно изненадена. Разбирам дека треба да помине одредено време пред сè да се врати на старо, но конечно ми се врати волјата за живот“, заклучува Сараи.
Tocka.com.mk