Граѓаните кои имаат неплатени долгови ќе можат да побараат отпис на каматата на долгот. Ова го предвидува предлог-законот за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште.
Право на отпис на камата има секој граѓанин кој има долг кој ќе изврши уплата на главниот долг и трошоците (судски, нотарски, трошоци на извршување – извршителски) на постапка во рок од најмногу 12 месеци во зависност од надлежноста на органот за постапување по предметот во моментот на отпочнување на примената на измените на законот.
За да му се отпишат каматите на долгот, граѓанинот треба да поднесе барање до фирмата каде што должи со доказ за извршена исплата на главниот долг.
Фирмата, доверител е должен во рок од 15 дена по приемот на доставениот доказ за извршена уплата на главниот долг, да го извести граѓанинот по писмен пат со препорачана пратка на адресата која е регистрирана кај неа, за усвојување (целосно или делумно) или за одбивање на отписот на каматата
„Доколку фирмата изврши отпис на каматата, должен е веднаш, но не подоцна од 8 дена по донесената одлука, за истото да го извести нотарот или извршителот кај кого бил трансферирано решението за извршување издадено од судот, дека е исплатен главниот долг и извршен е отпис на каматата, заради што бара запирање на постапката пред нотарот или извршителот. Нотарот при повлекување на барањето за трансфер на предметот, постапува согласно член 74 од Законот за нотаријат“, се појаснува во предлог Законот.
Извршителот при повлекување на барањето за трансфер на предметот од судот го запира извршувањето согласно член 93 став 1 алинеа 4 од Законот за извршување.
„Формата и содржината на барањето од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот за финансии, во рок од 30 дена од денот на влегување во сила на овој законот“, се појаснува во преложаните измени.
Министерот за правда во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе треба да ја донесе Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите и нотаратите по предмети кои произлегуват услуги од вршители на комунални дејности (електрична и топлинска енергија, вода и смет), телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, и за кои постојат решенија за извршување издадени од суд заклучно со 1. јули 2011 година, трансферирани кај нотар или извршител.