Едреникот „Санта Марија“, еден од трите со кои истражувачот Кристофoр Колумбо, роден во Џенова, а во служба на шпанската круна го открил американскиот континент, е пронајден вчера, после повеќе од 520 години од легендарното патување, тврдат група историчари.
Тие по неодамнешната експедиција се убедени дека остатоците лоцирани кај северниот брег на Хаити се од „Санта Марија“. Речиси 18 метри долгиот брод бил предводникот на експедицијата, а што потоа се случило со него повеќе од половина век беше мистерија.
Бери Клифорд, еден од најпознатите подводни археолози од САД, кој е најпознат по пронаоѓањето неверојатно зачуван гусарски брод на океанското дно, е убеден дека новопронајдените остатоци се од „Санта Марија“. Експедицијата е снимана од телевизискиот канал „Хистори“.
Сите географски и археолошки докази и подводната топографија силно го поткрепуваат тврдењето дека навистина станува збор за остатоците на „Санта Марија“. Владата на Хаити многу ни помогна и сега мораме да ја продолжиме соработката за да извршиме археолошко ископување – вели Клифорд, кој по славниот едреник трага повеќе од една деценија.
На првото патување на Кристофoр Колумбо, „Санта Марија“ на Божик 1492 година се насукала во близина на островот Хиспањола, а потоа брановите ја раздробиле. Колумбо оставил неколкумина членови на експедицијата за да изградат утврдување, а потоа се вратил во Шпанија на бродот „Ниња“.