Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, во изјава за Сител изрази очекување дека обдукцијата на телата на загинатите во синоќешниот пожар во модуларната болница во Тетово да заврши денеска.
По наредба на петте обвинители кои се вклучени во истрагата, се прават обдукции врз починатите во пожарот кои настрадаа лекувајќи се од ковид-19. Од Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје велат дека четири обдукции во текот на ноќта веќе се завршени и дека се прават под посебни протоколи, бидејќи се работи за пациенти позитивни на ковид-19.
„Формирани се тимови кои работат на обдукција и идентификација на телата. Очекуваме обдукцијата да заврши денеска, додека идентификација ќе се обидеме да ја направиме тоа што е можно поскоро и жртвите да им ги предадеме на семејствата“, рече Станков.
Тој појасни дека по завршувањето на обдукцијата ќе се знае дали има потреба од ДНК анализа за идентификација на жртвите.