Почина глумецот Иван Бекјарев – од последици од коронавирусот


Познатиот српски глумец Иван Бекјарев почина денеска на 74-годишна возраст од последици од коронавирусот.

Бекјарев е еден од најпознатите српски и југословенски актери со исклучително плодна и долга кариера, а одлично се снаоѓаше во сите жанрови на театарската, филмската и телевизиската уметност.

Роден е во Белград на 6 април 1946 година, каде што учел во Шестата белградска гимназија, а потоа дипломирал на Факултетот за драмски уметности.

Родителите на Бекјарев потекнуваат од Македонија. Неговиот татко дошол во Белград пред Втората светска војна, а мајката Радмила (по потекло од Гевгелија) дошла во Белград во 1945 година.

Бекјарев има снимено повеќе од 50 филмови во поранешна Југославија, Србија, Данска, Италија и други земји. Првата голема улога ја имаше во 1967 година во филмот „Боксерите одат во рајот“. Играше голем број улоги во ТВ драми и популарни серии како „Бањица“, „Отпишани“, „Подобар живот“, „Среќни луѓе“ и многу други. Најголемата популарност ја стекна толкувајќи ликови во култни ТВ серии – Стеван Курчубиќ во „Подобар живот“ и Бошко Деспотовиќ во „Среќни луѓе“.

Бекјарев има одиграно повеќе од 150 театарски улоги, од кои околу 60 во југословенскиот драмски театар.Од основањето, тој е редовен професор по глума на Академијата за уметност во Белград.

Последната улога ја играше во филмот „Беше еднаш во Србија“ во режија на Петар Ристовски.

Снимањето на тој филм беше прекинато поради неговата болест, кога кон крајот на октомври беше позитивен на коронавирус, а неговата здравствена состојба се влоши пред десет дена на Инфективната клиника во Белград.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1