Почна кампањата за предвремните избори на 11 декември


На полноќ официјално стартуваше кампањата на партиите и коалициите кои ќе учествуваат на предвремените парламентарни избори на 11 декември. Изборната кампања ќе трае 20 дена и ќе заврши на 9 декември на полноќ.

На изборите ќе учествуваат 11 политички субјекти: шест политички партии и пет коалиции со 58 листи на кандидати.glasanje izbori sobranie

Изборните активности официјално партиите ги започнуваат вечер и тоа Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има митинг во Охрид, Коалицијата предводена од СДСМ ќе има собир во Прилеп, ДУИ во Липково, ДПА во Студеничани, Коалицијата за промени и правда – Трет блок ќе има претставување на кандидатите и програмата, Либералната партија ќе ја почне кампањата со средба со граѓани во Скопје,…

Во Избирачкиот список за декемвриските избори се запишани вкупно 1.784.524 лица со право на глас. Во Првата изборна единица во ИС се запишани 297.813 гласачи, во Втората 308.091 гласач, во Третата изборна единица 282.727 гласачи, во Четвртата 285.477 гласачи, во Петата 296.223 гласачи и во Шестата изборна единица 314.193 гласачи. Една од новините на овие избори е што во ИС покрај имињата на гласачите ќе содржи и нивна фотографија.

За гласање во дијаспората ДИК ги прифати пријавите на вкупно 20.629 граѓани. Предвремените парламентарни избори ќе се спроведат во 41 изборно место во седмата изборна единица. Најмногу пријавени има во Берн 4.256, во Венеција, 2.724, во Детроит, 1.170, во Њујорк 1.168, во Мелбурн 1.112 и во Рим 1.078 гласачи. Во Берн ќе бидат отворени три дополнителни избирачки места, додека во Венеција две. Најмалку пријавени има во Мадрид 10, Пекинг 13 и во Варшава 14.

Првата изборна единица ги опфаќа општините Чаир, Аеродром, Центар, Карпош, Кисела Вода, Македонски Брод, Сарај, Сопиште и Студеничани.izbori livcinja

Во втората изборна единица се Шуто Оризари, Ѓорче Петров, дел од општината Чаир, Чучер Сандево, Арачиново, Бутел, Гази Баба, Куманово, Липково и Старо Нагоричане.

Во третата изборна единица ќе гласат жителите на Штип, Чашка, Чешиново-Облешево, Берово, Делчево, Градско, Илинден, Карбинци, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Пехчево, Петровец, Пробиштип, Ранковце, Старо Нагоричане, Свети Николе, Велес, Виница, Зелениково и Зрновци.

Четврата изборна единица ги опфаќа Битола, Богданци, Босилово, Демир Капија, Дојран, Гевгелија, Кавадарци, Конче, Кривогаштани, Могила, Неготино, Новаци, Ново Село, Прилеп, Радовиш, Росоман, Струмица, Валандово и Василево.

Дел од жителите на општината Битола ќе гласаат во петата изборна единица каде исто така се општините Центар Жупа, Дебар, Дебарца, Демир Хисар, Долнени, Кичево, Кривогаштани, Крушево, Охрид, Пласница, Ресен, Струга и Вевчани.

Изборната единица шест ги опфаќа Желино, Боговиње, Брвеница, Дебар, Гостивар, Јегуновце, Кичево, Маврово и Ростуше, Теарце, Тетово и Врапчиште.kutii izbori

Најмногу гласачи во Избирачкиот список се запишани во Куманово во Втората изборна единица – 89.802, а најмалку во Вевчани во Петата изборна единица – 2.070.

Под реден број еден на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, под редниот број два е Демократската партија на Албанците (ДПА), тројка е Демократската унија за интеграција (ДУИ) и редниот број четири го извлече Коалицијата предводена од СДСМ. Под број пет на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата „За промени и правда-Трет Блок, шеста ќе биде Партијата за демократски просперитет (ПДП), седма Коалицијата „Алијанса за Албанците“, осма Либералната партија, деветта ВМРО-За Македонија, десетта на избирачкото ливче ќе биде Движење БЕСА и 11-та политичката партија Левица.

Коалициите и партиите под овие редни броеви ќе настапуваат во сите изборни единици.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, коалицијата предводена од СДСМ, Коалицијата за промени и правда – Трет блок и Коалиција ВМРО за Македонија поднесоа кандидатски листи за сите шест изборни единици и за дијаспората. ДПА поднесе кандидатски листа во Првата, Втората, Третата, Петата и Шестата изборна единица. ПДП поднесе кандидатска листа само во Изборната единица 6. Либералната партија поднесе кандидатска листа во Првата, Втората, Третата, Четвртата и Петата изборна единица. Левица поднесе кандидатски листи во Првата, Втората, Третата, Четвртата и Петата изборна единица. Движење Беса пондесе кандидатски листи во Првата, Втората, Петата и Шестата изборна единица. Коалиција „Алијанса за Албанците“ поднесе листи во Првата, Втората, Петата и Шестата изборна единица.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1