Почнаа работите за украсување на Скопје во пресрет на новогодишните и божикните празници, а со нив покрај плоштадот Македонија и плоштадот Пела ќе биде опфатен речиси целиот центар и голем дел од булеварите Партизански одреди и Илинден. Ќе се украсува и плоштадот Филип Втори, пред црквата Свети Димитрија.
Традиционално ќе биде поставена централна новогодишна елка, која ќе биде висока 18 метри, а накитена со светлосни и други украсни елементи.
Новогодишните декорации ќе го чинат градот 10,4 милиони денари (168.830 евра), а ќе бидат поставени од фирмите „Линк Медиа“ и „Лутарико“ Дооел од Скопје”.
Ќе бидат опфатени булеварот Илинден до раскрсницата со ул. Френклин Рузвелт; просторот пред Владата на Република Македонија; улицата Даме Груев; булевар Партизански одреди до раскрсницата со булевар 8 Септември и платото пред Универзална сала; улица Димитрие Чуповски; улица 11 Октомври; улица ВМРО; улица Филип Втори Македонски на потегот од раскрсницата кај Специјалнатa болница за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ до раскрсницата кај Т.Ц. Мавровка; просторот пред Судската палата и булевар Гоце Делчев од Т.Ц. Мавровка до Влада на Република Македонија; Старата чаршија пред националната галерија Чифте амам; паркот Жена борец, платото пред црквата „Света Богородица“.
Се разбира, ќе биде украсена и улица Македонија, како и булеварот Свети Климент Охридски од Владата до поранешна „Нова Македонија“.
Декорирањето треба да заврши на 15 декември, додека раскрасувањето ќе се врши од 15 до 18 јануари.