Најголемите воени вежби во современата историја на Русија, „Исток 2018“, почнаа на Далечниот исток, соопшти Одделението за информации и масовни комуникации на Министерството за одбрана на Русија. Претседателот Владимир Путин ќе се состане по воените вежби со кинескиот колега Си Џипинг во Владивосток, во текот на кој ќе потпишат неколку договори.
„Исток 2018“ ќе се одржат од 11. до 17. септември под раководството на рускиот министер за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу на Далечниот исток и во руските води од Тихиот Океан. Маневрите ќе бидат најголеми во последните 37 години и во нив ќе учестуваат речиси 300.000 војници, над илјада авиони, хеликоптери и беспилотни летала, до 36.000 оклопни возила, до 80 бродови и бродови за поддршка. Во една фаза ќе учествуваат и единиците од Кина и Монголија.
Во текот на воените вежби ќе биде одработена примена на воените групи во интерес на осигурувањето на безбедноста на Русија. Главна цел на маневрите е проверка на подготвеноста на органите на воената управа во планирањето и спроведувањето на прегрупирањето на трупите на оддалечени локации, организирање на соработката меѓу копнените групи и поморските сили, а командантите и штабовите ќе добијат пракса и ќе ги усовршат своите вештини во водењето на трупите. Воените вежби ќе се одвиваат во две фази: во првата на Далечниот исток ќе бидат распоредени трупи, а морнаричката група ќе се зголеми во северната и далекуисточната морска зона. Во втората фаза командантите и штабовите ќе одработат управување со комбинирани групи војска со практична примена на одбрамбените и офанзивните дејства.
Основните воени маневри ќе се одржат на полигоните на Источниот воен округ „Цугол“, „Бабмурово“, „Радигино“, „Успеновски“ и „Бикински“, како и на полигоните на авијацијата и ПВО „Литовко“, „Новоселско“, „Телембра“ и „Бухта Ана“, во водите на Беринговото и Охотското море, Авачинскиот и Кроноцкиот залив. На полигонот „Цугол“ во заедничките практични дејства ќе учествуваат и кинески војници.
Во маневрите ќе учестуваат и органи на воената управа, единиците на Источниот и Централниот воен округ, силите на Северната флота, единиците на воздушно – десантните сили и воено – транспортната авијација на воздушно – вселенските сили на Русија.