Црна Гора ја подигна готовноста на сите служби на повисоко ниво и ја зајакна комуникацијата со колегите во регионот, изјави денеска црногорскиот министер за надворешни работи и европски интеграции Игор Лукшиќ по повод случувањата во Македонија, јави Радио Телевизија на Црна Гора.
Тој наведе дека уште во саботата разговарал со шефот на македонската дипломатија Никола Попски, како и со министрите од регионот.
Лукшиќ оцени дека поради заканите од тероризам треба да се интензивира соработката во регионот.
– Поради таа причина многу е важно да ја зајакнеме соработката во регионот која добива нови форми, имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочуваме пред се во регионот, но и во Блискиот Исток- посочи Лукшиќ.
Црногорското Министерство за надворешни работи и европска интеграција изрази жалење за загинатите и повредени полицајци.
– Убиството на осум полицајци и повредените граѓани на Куманово најостро го осудуваме и го сметаме за напад врз мирот, стабилноста и безбедноста на Република Македонија, нејзиниот уставен поредок и соживотот на народот во Македонија- истакна Лукшиќ.