Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски во соопштение за јавноста извести дека денеска е доставена оставка на претседателот на Владата Никола Груевски.
„Оттаму, како претседател на Собранието на Република Македонија ќе постапувам во согласност со уставните, законските и деловничките права и обврски. Истовремено, имајќи ги во предвид превземените политички обврски на лидерите на најголемите политички партии во Република Македонија согласно договорот од 2 јуни 2015 година и протоколот од 15 јули 2015 година, како претседател на Собранието на Република Македонија ќе го следам исходот од денешните разговори со посредство на меѓународната заедница.
Искажувам надеж дека политичките лидери на Република Македонија ќе успеат да ги надминат меѓусебните предизвици, а во функција на натамошен демократски развој на Република Македонија. Верувам дека во периодот што следи ќе биде направен уште еден исчекор во исполнувањето на обврските од постигнатиот договор, а во функција на натамошно стабилизирање на вкупните прилики во државата.“ се вели во соопштението на Вељаноски.
Груевски во својот говор порача дека целта е да се испочитува Договорот и да се надмине кризата во која се наоѓа државата и очекува изборите да се одржат во предвидениот рок, односно сто дена по неговото повлекување од функцијата.
Според Договорот од Пржино, преодна влада треба да биде формирана најдоцна до денеска за да можат вонредните избори да се одржат на 24 април. Вчера и Централниот Комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ едногласно одлучи за премиер на преодната влада да биде досегашниот генерален секретар на партијата Емил Димитриев. Кандидат со кој владејачката партија ќе настапи на изборите сепак останува Никола Груевски.
На вечерашната прес конференција Илија Димовски истакна дека комитетотт му дава целосна поддршка на претседателот на партијата Никола Груевски за постапките кои тој ги презема за одржување на избори.
– Нашата намера е да го затвориме овој деструктивен период и да се фокусираме на она што е приоритет на граѓаните. Во согласност со законите, премиерот на актуелната влада поднесува оставка 100 дена пред изборите, рече Димовски.
На новинарско прашање за тоа што доколку опозицијатта побара одложување на изборите, Димовски рече дека се надева дека „кај СДСМ ќе надвладее разумот“.
Истовремено, доцна синоќа на прес-конференција и лидерот на опозицијата Зоран Заев порача дека императив на Договорот од Пржино е кристално чист предизборен и изборен процес.
Заев не даде конкретен коментар околу прашањата за датумот на изборите од коишто зависи кога ќе стане активна оставката на Груевски. Не беа дозволени новинарски прашања, а атмосферата во седиштето на СДСМ беше еуфорична и изборно-навивачка, подгреана од изјавите на Заев дека СДСМ очекува победува на следните избори.
Претходно, СДСМ бараше избори во јуни или септември се додека не се исполнат сите точки од Договорот од Пржино.