Место голема свадба, закажаната веселба во две семејства заврши со погреб. Дваесет и тригодишната тетовка Ариета Мемети ненадејно почина на денот на нејзината венчавка, пишува Утрински весник.
Најсреќниот ден за кој се подготвувало целото семејство одеднаш се претвори во голема трагедија. На неа во неделата изутрина, и се слошило, по што била однесена итно во болница. Но лекарите не успеале да и го спасат животот. Првичните претпоставки се дека девојката починала од срцев или мозочен удар
Траурно беше во семејството на младата несудена невеста, 23- годишната тетовка Ариета Мемети. Наместо честитки за мажената ќерка, Мемедали Асипи примаше изрази на сочувство за починатото чедо. Младата Ариета прекриена со белата венчаница подготвена за свадбена церемонија, беше погребана на муслиманските гробишта во Тетово.
Ариета не стана невеста. На несудениот педагог, на кого му преостанувале уште три испити да се стекне со факултетско образование не и се исполнија двете животни желби: да ја добие дипломата и да се омажи за својот избраник, младиот жител на селото Доброште – Тетовско, кој работел во Швајцарија. Плановите биле двајцата да заминат и да живеат таму. И за Ариета веќе била обезбедена виза за претстој во оваа земја. Сите желби и мечтаења на младите, кои штотуку навлегле во животот, завршија трагично.
На улицата „Иво Лола Рибар“, во непосредна близина на Музејот од тетовскиот крај, на почеток на Горна чаршија во Тетово, сретнавме многу пријатели и роднини на семејството Асипи. Не пречека таткото на починатата – познатиот таксист од Тетово, Мемедали.
-Во бракот имам пет деца – син и четири ќерки. Едната од нив не напушти, замина без збогум, иако требаше во неделата да биде невеста. Таква и била судбината – сѐ да биде подготвено, а мојата Ариета да не се облече во невестинско руво – раскажува Мемедали, присетувајќи се на изгубеното чедо со тага, жал и непребол.
Таткото вели дека во неделата бил во џамија на вообичаена утринска молитва. Се вратил околу 6 часот. Сопругата го известила дека нешто не е во ред со нивната ќерка.
– Ариета лежеше во кревет во очигледна кома. Времето се совпаѓаше за да замине на фризер, но место тоа итно ја пренесовме во болницата во Тетово. Во Брза помош речиси и не се задржавме. Веднаш заминавме на интерното одделение. Лекарите ја прегледаа и дадоа инекција и ја вклучија на инфузија. Но, се беше залудно. Кај ќерката веќе не се чувствуваа никакви знаци на живот – раскажува Мемедали.
Покрај полицијата, на лице место бил и јавен обвинител. Констатирана била природна смрт, по што телото било предадено на семејството.
Несудената невеста во саботата вечерта ја посетиле нејзини другарки. Направен бил обичајот со ке’носување на невестата што е вообичаен настан на ден пред свадбата. За невестата и нејзините другарки бил закажан и фризерски третман, кој требало да се заврши во раните утрински часови во неделата.
Ова е втор случај Тетовци да се потресат од настани за само два дена. По трагедијата со таткото – лекар и синот, во Тетово се случи уште една тешка трагедија. Теговци велат – нека е последна.