Единицата за имотни деликти до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје гo предаде М.И.(44) од Скопје, поради основи на сомнение дека во својство на униформиран полициски службеник, вработен во Полициска станица Бит Пазар, заедно со Н.А.(25) од Скопје, извршиле кривично дело „измама“. Првопријавениот сторил и кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ со цел противправно да се стекне со имотна корист од 500 евра, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според соопштението, М.И. стапил во контакт со Н.А., кој е во бегство, и заедно го довеле во заблуда Т.Б.(25) од Турција, на кого со лажно прикажување факти првопријавениот му зел 500 евра, со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 30.750 денари.
На настанот претходеле вибер-контакти помеѓу Н.А. и оштетениот турски граѓанин на кого на 26-ти минатиот месец, од централното градско подрачјето му е одземено моторно возило, за што тој во Полицисдката станица „Центар“ поднел записник за примање пријава, а Н.А. му ветувал дека преку негови луѓе ќе му помогне да го најде украденото возило. Како потврда дека познава полициски службеници кои можат да му помогнат, второпријавениот на 8 месецов во еден угостителски објект во централното градско подрачје му договорил средба на оштетениот со главен инспектор од Одделението за имотни деликти во СВР Скопје. Меѓутоа, соопштуваат од МВР, на средбата оштетениот бил поучен од полицискиот службеник дека не треба да му верува на Н.А., затоа што има многу голема веројатност, токму тој да му го украл возилото.
– Наредниот ден, Н.А. повторно преку вибер го побарал оштететниот и му кажал дека го пронашол возилото, но за да му ја посочи адресата каде се наоѓа треба да се сретне со едно лице на кој треба да му даде 500 евра, а како доказ дека лицето знае точно каде се наоѓа возилото, ќе му покаже фотографија од возилото паркирано во гаража. Отако оштетениот се согласил да ги исплати бараните парични средства, се договориле повторно да се слушат на 10 месецов за да го утврдат точното место каде ќе се оствари средбата, стои во соопштението.
По ова, информира МВР, оштетениот го пријавил кривичното дело во Полициската станица „Центар“, каде со потврда за привремено одземени предмети му се одземени пет банкноти во апоени од 100 евра, кои се криминалистичко-техничкки обработени и фотодокументирани по што врз основа на наредба на ОЈО Скопје и наредба на Основен суд Скопје I-Скопје, преземени се мерки и дејства за обезбедување на материјални докази.
За таа цел, на истиот ден на паркингот на Поликлиниката „Бит Пазар“, а по претходен телефонски договор со Н.А., остварена е средба помеѓу првопријавениот и оштетениот. На средбата, како што претходно било договорено, оштетениот побарал од М.И. да му покаже слика, на што истиот одговорил дека нема, но на еден лист му напишал име, презиме и адреса на лице од с.Грчец, кај кого наводно се наоѓа украденото возило, по што оштетениот му ги дал технички обработените и фотодокументирани парични средства.
Откако М.И. ги примил, во моментот кога полициските службеници му пришле да го лишат од слобода, тој ги фрлил парите на земја и почнал да дава пасивен отпор, заради што при неговото лишување од слобода, полициските службеници морале да употребат средства за присилба.
По приведувањето во полициска станица М.И. дал изјава во присуство на неговиот адвокат, а од страна на полициски службеници, по преземени мерки и активности е утврдено дека не постои лицето од село Грчец, кај кого наводно е украденото моторно возило на турскиот граѓанин.
МВР информира дека против Н.А. досега се поднесени 41 кривична пријава за „измама“, шест кривични пријави за „затајување“ и по една кривична пријава за „давање лажен исказ“, „пустошење шуми“ и „тешка телесна повреда при вршење семејно насилство“ и истиот е во бегство. Додека, пак, против М.И. во периодот 2006/2009 година поднесени се две кривични пријави за „измама“ и за „загрозување на сигурноста со закана за напад врз животот или телото на друг“.