Клиниката за инфективни болести е под полициски надзор, строго се забранети посетите, а медицинскиот пероснал е со заштитни маски на лицата. Смртта на 58-годишниот Британец со симптоми на ебола го вклучи алармот кај здравствените власти. Вознемирени семејства и роднини на пацинети со часови чекаа пред клиниката објаснување зошто не можат да ги видат болните.
„Забрането е од сношти, јас имам синче тука. Не смее никој да влезе. Нормално е дека се плашиме, лечиме бронхопневмонија, а не знаме што ќе добиеме. Сега ни кажуваат дека детето не е во допир со нив, вработените се во посебни соби во карантини“, вели мајка од Охрид.
„Половина час чекаме, немаат абер да не пуштат. Кажаа дека е строго забрането и не може да не пуштат, рекоа од каде и да сте, не може. Прашавме и дали може пацинтот да излезе надвор, рекоа не може. Така им е наредено и толку“, вели жител на Куманово.
Во моментот на клиниката под надзор се 9 медицински лица и еден хигиеничар. Меѓу нив е и екипата на брзата помош која пацинетот го транспортирала до инфективна. Министретсвото за здравство смирува. Велат, анализите им говорат дека мала е веројатноста странецот да бил заразен со ебола, но особено внимателни ќе бидат се` додека не ги добијат резултатите од референтната лабораторија во Хамбург, Германија, кои треба да пристигнат утре попладне.
„Врз основа на епидемиолошките анализи кои се правеа во текот на вчерашниот ден, здравствените власти се поблиску до ставот дека голема е веројатноста дека не станува збор за вирусот ебола. Но, најголемата грешка што може да се направи во ваква ситуација е без да се има потврда од лабораторија да се верува дека нема вирус на ебола и да не се преземаат никакви мерки на заштита“, изјави д-р Јованка Костовска, Комисија за заразни болести при МЗ.
До добивање на резултатите, здравствените власти добиле строга забрана за обдукција на телото на починатиот.
„Телото е тука и ќе биде се`додека не го расчистиме случајот. Согласно добиените резултати, доколку не е ебола, ќе мора да утврдиме што е причина за смрт кај него. Можеби ќе се прави обдукција, бидејќи нема да биде ризично. Слободно ќе може да се прави обдукција во наши услови, за да видиме за што всушност се работи. Во контакт сме со амбасадата и со роднините за да видиме што понатаму, ако се траспортира телото ќе се транспортира под посебни услови“, потенцираше д-р Костовска.
Од Министерството за здравство информираат дека Британецот три дена пред да почине не излегувал од хотелската соба, бидејќи не се чувствувал добро. Тоа го сметаат за олеснителна околност, бидејќи во тој период не контактирал со лица надвор од хотелот. Делот на инфективната клиника каде престојувал починатиот е под посебен режим, направено е темелно чистење и дезинфекција на просторот. Друг случај со симптоми на ебола досега не е пријавен, без никакви симптоми е и пријателот на пациентот кој постојано бил со него.
Telma.mk