Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по 39-тата седница ги прифати во прво читање измените на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и заклучи дека можат да се дадат на натамошно читање. Со нив, како што појасни министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, се предлага при промена на живеалиштето, граѓанинот да го одјави претходното живеалиште. Тој е должен во рок од осум дена да ја пријави адресата каде живее.
Џевад Адеми замоли во името на пратеничката група на ДУИ да се повлече предложеното законско решение, како и измените на Законот за лична карта. – Граѓаните Албанци овие измени ги доживуваат како штетни и непотребни и бараат од мене и од пратеничката група на ДУИ да направиме се што е во наша моќ тие да не се донесат. Затоа пратеничката група на ДУИ овие измени не ги поддржува и со сите процедурални начини во согласност со Деловникот за работа нема да дозволиме да се донесат, рече Адеми.
Пратениците ги прифатија во прво читање и дополнувањето на Законот за лична карта со кој се овозможува да се аплицира за издавање на лична карта и во местото каде граѓанинот има пријавено престојувалиште, како и барањето да може да се поднесе и надвор од просториите на МВР, како и на Законот за техничка инспекција со кое се предлага проширување на надлежноста на техничкиот инспекторат, односно тој да постапува и според одредбите од Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, во делот кој што се однесува на санкционирањето на работодавачите кај кои ќе бидат затекнати лица со кои не е заснован работен однос.