Попушти железничкиот мост над Црна Река во близина на локалитетот Стоби. Од Македонски железници информираат дека се работи за сериозно оштетување на носечките столбови предизвикано од надојдената река и затоа од петокот целосно е стопиран железничкиот сообраќај на релација Велес-Гевгелија.
“Настанатата деформација ја забележал машиновозачот на последниот воз што поминал над мостот. Се надевам дека за 15 до 20 дена мостот ќе биде ставен во употреба. Тоа значи брза санација за ограничена употреба, а во меѓувреме ќе гледаме која е опцијата, или ќе се оди на нов бетонски или челичен мост”, соопшти директорот на МЖ-Инфраструктура Ирфан Асани.
Вообичаениот водостој на реката во тој дел достигнувал најмногу до 1,80 метри, но сега се искачил безмалку до 5 метри. Од Железници велат дека тоа е причината зошто дошло до поткопување на столбовите. Во последните 30 години немало случај на толку големо количество вода.
Од ЕЛЕМ објаснуваат дека хидроцентралата Тиквеш, во чија близина се наоѓа железничкиот мост, не е причина за зголемување на водостојот на реката бидејќи не работи постојано со максимална моќност.
“Во текот на летните месеци, ХЕ Тиквеш е минимално ангажиран за производство на ел.енергија бидејки во летниот период прв приоритет на ХЕ Тиквеш е наводнување на земјоделските култури”, информираат од ЕЛЕМ.
Мостот е изграден во 1970 година и според Железници, бил во добра кондиција.
“Последната проверка е направена во 2008 година, а секоја година се дијагностицираат сите параметри на сите мостови и пругата”, објаснува директорот Асани.
Според директорот на МЖ Инфраструктура, големи се економските штети од прекинатиот железнички сообраќај на Коридорот 10.