Познато е дека голема и незаборавна љубов меѓу двајца се памети со векови и често го обележува едно место многу повеќе од сите богатства, од сите споменици, од сите војни, катастрофи, истории. Таков пример е и со Бања Лука, каде и до ден денес живее легендата за Сафикада.
Пред неколку века тука си живеело некое имотно семејство. Ќерката се вљубила во војник од тврдината, ама таа љубов не била дозволена од нејзиното семејство. Војникот добил прекоманда и заминал, а неговата сакана не можејќи да ја истрпи болката поради несреќната љубов еден ден се облекла во невестински фустан и точно во 12 часот кога пукале топовите, застанала пред топ и кога пукнал ја разнесол.
Оваа легенда се раскажува и ден денес, а во близина на тврдината има и плоча во нејзина чест, каде се палат и свеќи. Тврдината е едно од најглавните места кое го означува овој убав и познат град, во Република Српска. Нема сосема точни податоци кој и кога го изградил, но начелно се знае дека има траги и од византиското и од турското време. Денес тука се одржуваат бројни манифестации, како и познатиот Демо фест.
Бања Лука е град со убав и модерен живот, град за кој се врзува уште една интересна легенда, дека има многу девојки и жени, и тоа убави, поточно на седум жени сразмерно доаѓа само еден маж. Затоа во план било на сите три влеза во градот да се стават по две женски статуи, да ги пречекуваат гостите, и да имаат имиња Рајка и Стојка. Градот има околу 1.000 кафулиња и дискотеки, кои работаат турбо, а првото кафуле тука било отворено уште во 1617 година, што е за 60 години пред Париз, и 70 години пред Виена.
Има и преубав аква парк, еден од најубавите во регионов, каде на лето можете цел ден да уживате во сите благодати на аква паркот за пет марки ( односно 2,5 евра), или според една еколошка акција, да влезете бесплатно со пет празни лименки. Во Бања Лука има едноставно градени, но преубава симпатични фонтани насекаде, кои му даваат дополнителен ритам и живост на градскиот живот.
Има многу убави, новоизградени цркви, најчесто врз стари или во близина на стари цркви, каде за викенди се случуваат над десеттина венчавки.
Градот, низ кој некогаш поминувало главен град и каде се тргувало една рака злато, за една рака сол, бил изградуван со векови, но на 27 октомври 1969 година бил разрушен од силен земјотрес и повторно изградуван.
Најскапа инвестиција е денешното собрание, целото од стакло, составено од четири високи згради, поделени во три комплекси, за чија изградба се вложени 150 милиони евра, а потрошен е кабел за струја од 18 километри.
Има и 11 џамии, од кои за една се кажува дека своевремено во некои војни била купена за 30.000 златни лири, што во денешна вредност би дошла неколку милиони.
Тука тече реката Врбас, каде има многу убави излетнички места и кафулиња, а најпопуларно во моментот е спортот рафтинг.