Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, попладнево беа зафатени северните и источните делови од Македонија каде на повеќе места имаше пороен дожд, грмежи и засилен ветар, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Поинтензивни се процесите на повисоките места и планините, особено во беровскиот регион каде до 17 часот повремено имало интензивни поројни врнежи од дожд со грмежи и засилен ветер. Регистрирана е и појава на град.
До 17 часот во Берово наврнале 93 литри на метар квадратен, во Прилеп 15, во Крива Паланка 7 и во Битола 1 литар на метар квадратен.
Попладнево беше зафатена и Скопската котлина каде имаше зголемена облачност и дуваше повремено засилен ветер кој на моменти достигнува брзина до 55 км на час.
– Нестабилноста се движеше од северозапад кон југ и југоисточните делови од земјава и ги зафати централните, а доцна попладнево јужните и југоисточните делови од земјава каде има пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Поинтензивни се процесите во дојранскиот регион каде има интензивен пороен дожд, појава на град и засилен ветер, информира УХМР.
До крајот на денов во земјава ќе се задржи променливо и на места нестабилно облачно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во вечерните, а особено во ноќните часови се очекува стабилизирање на времето.
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб ветер од променлив правец. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи.
Утринската температура во земјава ќе биде во интервалот од 14 до 23, а највисоката се очекува да достигне од 30 до 37 степени. УВ-индексот ќе биде 8.
Во Скопје утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб ветер од променлив правец. Попладне ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Утринската температура ќе се спушти до околу 20, а највисоката дневна ќе достигне до 35 степени.
Според прогнозата на УХМР, за време на продолжениот празничен викенд ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Поизразена нестабилност се очекува во понеделник и вторник.