Истанбул утринава осамна во мрак заради поројните дождови, што од синоќа врнат со несмалена јачина. Небото над градот и натаму е покриено со густи облаци, а од време на време грмотевици „го параат“ небето.
Во Истанбул за еден час наврнаа 50 литри дожд на еден метар квадратен.
Поројните врнежи ги поплавија патиштата и многу квартови од градот. Поројни води ги прекрија квартовите Ускудар, Малтепе, Картал, и Пендик, поплавувајќи куќи, канцеларии и возила.
Истанбул буквално е заробен од поројните дождови. Во двата дела на градот течат реки по улиците. Телевизиите емитуваат снимки на луѓе кои пловат или се обидуваат да минат преку водите што течат како реки. По улиците во двата дела од градот неконтролирано пловат и автомобили.
Сообраќајот е блокиран, а на мостовите над Босфор се формирани долги колони од возила. Многу луѓе не можат да дојдат до своите работни места. На автопатот Е-5 има поплавени делниции, а дува и силен ветар.
Од Службата за природни катастрофи на Истанбул предупредуваат дека постои ризик од поплави и бура.
Според синоптичарите, поројните врнежи се очекува да траат во текот на целиот денешен ден, со поголема јачина во пладневните и попладневните часови. Можно е до вчера да навнат до 100 литри дожд на метар квадратен, што е многу сериозно предупредување.
Снабдувањето со електрична енергија е возобновено, но ситуацијата со сообраќајот е очајна.
Засега нема информации за настрадани луѓе.