Поранешниот португалски полициски инспектор Гонсало Амарал, кој бил одговорен за истрагата за исчезнувањето на британското девојче Медлин Меккен во 2007 година, на крајот од судскиот процес е осуден на родителите на девојчето да им плати 500.000 евра заради изречена клевета, пренесоа француските медиуми.
Амарал на двајцата родители ќе треба треба да им плати отштета од по 250. 000 евра за нанесена морална штета, се посочува во одлуката на лисабонскиот суд.
Кејт и Џери Меккен поведоа судска постапка против Амарал поради книгата што ја објави во 2008 година под насловот „Меди, забранета истрага“. Во неа Амарал ги обвинува родителите на детето дека го украле неговиот труп, откако тоа починало во несреќен случај
Судот во Лисабон утврди дека Амарал и неговите издавачи ќе треба од пазарот да ги повлечат останатите примероци од книгата .
Судската одлука забранува и преиздавање на книгата.
За време на судскиот процес родителите на Медлин Меккен се обидоа да докажат дека книгата на Амарал и наштетила на истрагата и на потрагата по нивната ќерка. Британското семејство побара 1,2 милиона евра за нанесената морална штета од објавувањето на книгата.
Медлин Меккен се уште не е откриена. По 14 месеци истрага во Португалија, случајот беше прекинат. Во овие месеци, меѓутоа, родителите на Медлин беа прогласени за главни осомничени за исчезнувањето на детето. Подоцна обвиненијата против нив беа повлечени. По завршувањето на истрагата инспекторот Амарал, кој ги сомничеше, беше сменет.
Во јули 2013 година британската полиција почна сопствена истрага за случајот. Британски полицајци неколкупати беа во Португалија. Тие ги претресоа терените во обид евентуално да го откријат трупот на детето, но не најдоа никакви траги. Минатиот јули, меѓутоа, четири лица во Португалија беа обвинети дека се замешани во исчезнувањето на детето.
Тригодишната Медлин Меккен исчезна од хотелот во кој летуваше со своите родители во португалското летувалиште Праја да Луз.