Последното „чао тетка Биле“ одзвонува во ушиве, каде згрешив? За Тамара, никогаш да не се повтори


Новинарката Билјана Николовска која долго време се обидуваше преку своите стории да и помогне на малата Тамара во трогателно писмо на социјалните мрежи ја раскажа целата голгота. Гнев, милион прашања зошто? и многу солзи по смртта на малечкото ангелче. Ви го пренесуваме писмото во целост.

Третото утро без Тамара
Окотомври 4-ти 2012. Утро. Ме буди музиката од телефонот на кој се појавува непознат број. Си помислувам, пак ли некој „досаден“. Треперливиот непознат глас ме премислува. Раскажува за девојче болно, за некаква си болест која прв пат ја слушам, за потреба од помош. Работните обврски како дописник од Велес не ми дозволуваат да ветам дека веднаш ќе успеам да се сретнам со луѓето на кои им е неопходна мојата помош. Попладнето го снимам есклузивното интервју за кое мислам дека ќе ме однесе еден степен повисоко во мојата новинарска кариера и ги собирам последните сили да заѕвонам кај Жаклина.

10993479_10153194518935572_1829117571030518903_n
Звуците од детската песна „Јаболче или крувче“ оддекнуваат во далечината по сокакот по кој се движиме до куќата на Димовски. Со снимателот Димче убедени сме дека таа е вистинската порта. Не пречекува срамежливото анѓелско лице кое исплашено од непознатите гости се покрива со рачињата. Игра, песна, приказна за моите внуки. Тоа се методите да се зближиме со седум годишната Тамарче. Ситна во растот, игра но накривува поради едното покусо ноже, а и покрај широката маичка се познава благата кривина на телото. Се обидувам да не се загледувам премногу во деформитетот на детето. Разгледувајќи ги документите си помислувам, овде има приказна.

Рентген снимката во која се гледа металната шипка која го искривила рбетот е запрепастувачка. Малку разговор, запознавање и следува снимањето. Детскиот немир не и дозволува да мирува, па ми пречи во работата, го зема микрофонот се заигрува со кабелот. Никогаш не сум можела да бидам строга со деца, попустлива сум и како и на сите и дозволувам да пее на микрофонот. Објективот е подготвен за мачната приказна за малата Тамара. Жаклина раскажува за нејзината голгота, а јас не си дозволувам да ме совладаат емоции. Работата е завршена. Прегратка за збогум оти нема одење, заедно со сестра и Теона се препрека на вратата.

Следниот ден приказната е готова за јавноста треба да ја запознае Тамара. До затворањето на вести одговор од институциите за тоа каде е закочена процедурата за случајот Тамара, нема. Моите дома се подготвени да го изгледаат прилогот за кој цел ден ги игнорирам. Половина чес после третото издание ѕвони телефонот. Се преставува портпаролот на Министерство за труд и социјала, ме прашува сум имала некој прилог разбрал нешто, но да му дообјаснам. Отакако ме ислушува ми вели дека тоа не е за кај нив, здравство е адресата на која треба да се обратам иако во прилогот воопшто тие не се повикани. Ми вели единствено можеме да помогнеме со 500 евра еднократна помош, пари кои никогаш не легнаа на сметката на Димовски. Брзо низ Велес и социјалните мрежи се прошири убавиот глас дека ете барем некое министерство се јавило, а работата е завршена. За жал радоста ги краси само оние кои не сватиле добро.

Ден, два, три. Во исчекување и вртење телефони за да се огласи некој од повиканите. СМС пораката која ја добивам најавува посета на Тодоров во Здравствен дом Велес. За мене доволен аларм за продолжување на приказната. Но, совеста не ми дозволува да премолчам. Па решението на проблемот ќе биде само на 200 метри од куќата каде Тамара живее. На мојот повик Жаклина избезумено дотрчува и заедно со новинарските екипи го очекува министерот. Пред камерите се преставува дека е мајка на болното девојче, а спасот е во него. Очекувано повлечена е на страна за овој незгоден за министерот разговор да не се води пред новинарите. Не одговара ниту на моето прашање, го избегнува со поглед впрен во другите колеги. Сепак Жаклина малку е охрабрена, министерот се запознал со проблемот и ветил дека ќе се „заложи“ за Тамара да добие операција на државна сметка.

Месец, два. Пред Нова година училиштето на девојчето организира хуманитарни акции за барем малку да му се помогне на семејството. Помош од државата се уште нема. Се обидувам да помогнам да ја заборави болката во грбот. Исто колку што се радува на подарокот барбика со крила кои светат и јас се радувам на нејзината насмевка предизвикана од добиениот подарок.
Февруари 19, 2013 конечно решението е тука. Успеавме. На среќата и нема крај. Се чувствувавм како да сум го спасила светот. Но ,трае кратко. Проблеми со слободни термини за лекарот од Хрватска не мачат сите. Конечно во Август е договорено да дојде др Ковач од Хрватска кој треба да ја изведе операцијата во Филип Втори. Ама залудно. Бронхитот во градите е посилен од желбата па високата температура не дозволува операција. Неколку месеци голгота, за во декември конечно студениот метал да се извади надвор од телото.

Нови маки, за Димовски. Одново треба да се помине административната процедура за нова операција со која Тамара би се исправила. На Жаки и помагам во пишувањето маилови во странство, барањето болници, испраќањето документи. Често знае да ми се јави, да се жали и фали. Што е и до каде е работата. Во меѓувреме се обидува преку многумина да најде нашинци во странство кои можат да помогнат.

Април 2014 започна втората голгота на Жаки и малата Тамара. Барањето за конзилиарно мислење е испратено, а таа речиси секојдневно моли по сите институции и клиники. Одговор од докторите нема. После големите притискања сепак го добива. Процениле, нема кој од нив што е стручен за случајот Тамара. Странство е решението кое го препорачуваат на нивните колеги од комисијата во Фондот.

Октомври. Веќе живеам и работам во Скопје. Ѕвони Жаклина и ја испукува лошата вест. И второстепената комисија ја одбила нивната жалба на негативното решение на првостепената. Тимот доктори им напишал дека има каде во земјава да се направи операција, странство не е потребно. Се прашувам како е возможно, кога претходно нивните колеги кренаа раце од Тамара. Ова е доволен аларм за нова приказна.

Во собата на Тамара се е исто, дури и таа останала иста. Ситна, не пораснала се искривила дупло. Нејзината една година помала сестричка веќе ја надминала во растот и развојот. Овој пат кривината на рбетот изгледа уште позапрепастувачки. Едвај седи на стариот тросед, потпрена на нозете од мајка си. Тетка Биле и чичко Димче не се веќе непознати па нема страв од камерата. Си разговараме, како е на училиште, може ли се уште да танцува во „Анабела“ раскажува што добила а што сака да добие за подарок. Повторно силна прегратка за разделба.

Се е исто како пред две години. Ретко кој од надлежните крева слушалка, оние кои еднаш ги добив и им кажав за што ги барам следниот пат веќе беа недостапни. Сепак убедена сум дека ќе одам до крај. Речиси цела редакција е згрозена од односот на државата кон девојчето кое не го познаваат но само преку снимиките успеа да ја придоби нивната наклонетост.

Јавноста е шокирана. Напливот од коментари на социјалните мрежи е огромен. Тамара е главна вест и по сите интернет портали. На сите обвинувањата им се насочени кон институциите. А, тие молчат. Ги нема и следниот ден, ги барам, но не успевам да ги добијам. Ги прозивам во прилог на вести, но не ги допира. Истражувам, разговарам со лекари и доаѓам до информација дека се подготвува спинален центар за сколиози кој треба да биде отворен за два месеци. Си велам можно ли е ова да е причината за одлагањето на операцијата на Тамара. Ја чуваат ли за да се сликаат покрај неа. Доктори ме убедуваат дека имаат стручни колеги во земјава, за кои ова би било „боза“ операција. Повторно контрадикторност. Зошто тогаш во конзилијарното мислење го напишале спротивното? Се што дознавам објавувам, но официјална изјава нема од никој.

Ден, два, три. Еден од директорот на фондот најавил настан. Се разбира го добивам и итам со мисла да го прашам за случајот Тамара. Вистински погодок. Ми ја потврдува информацијата дека се чека сколиоза центарот. Се запрашувам луѓе ли сте, популизам на грбот на Тамара ли ќе правите?

Ден по тоа. Веројатно погоден од насловот кој осамна на вестите Министерот ќе се појави на детска клиника. Кусо време пред почетокот е најавен, а јас веќе сум на протести километри далеку од клинички. Колегата Павле за прв пат добива „нарачано“ прашање од мајката на Тамара. Дали ако се најде на нејзино место, Министерот ќе го чека спиналниот центар. Ја гледам снимката од одговорот и не ми се верува. Не е етичко прашањето што сме му го поставиле. Ова го кажува во негов стил, замолчува за секунда по што вели, лично ќе се заложел за случајот, ќе се решел. Поучена од досегашните искуства дека не сите ветувања се исполнети не избрзувам со среќата ама сепак ми е мило што еден чекор сме понапред. Истата изјава и по еден ден ја повторува од Тетово. Си велам, добро е.

Повторно започнува административниот лавиринт. Насоките од Тодоров се дадени ама без нови документи случајот не може да се реши и порачале на Жаки. Ја убедувам дека овој пат многу побрзо ќе завршиме и да ме известува за сите нови моменти.
Лавината од хуманост која го зафати Велес не може да се запре. Хуманитарниот концерт и покрај најавата на Тодоров сепак ќе се одржи. Велешани сакаат да учествуваат во лекувањето на Тамара. Но не сите. Започнуваат притисоци дека и не мора да се организира концерт кога ете веќе Тодоров најавил дека ќе се реши работата. Децата кои секојдневно трчаат за да и ја исполнат желбата на Тамара, Даниел Кајмаковски да пее на концертот ме известуваат. Сепак половина од собраните средства морале да одат за детското одделение во велешката болница, инаку салата каде ќе се одржува концертот нема да биде слободна за Тамара. Не ми се верува што слушам. Ме запрепастуваат и пораките до мене, да ја оставам Жаклина, да се повлечам од приказната оти мајката и не е баш за верување, „не е добра“ со умот. Не можам да поверувам на ушите. Таа пак секојдневно трча по здравствените институции ги собира документите, бара докторите да ја прегледаат Тамара за да ја најдат вистинската болница во странство за неа.

Анѓел си ти, оддекнува гласот на Кајмаковски во салата во која стотици велешани дојдоа да ја поддржат Тамара. Престудено е, затоплување нема, осветлувањето минимално. Се штеди. Сепак заслепува сјајот од очите на Тамара.

Ги броиме деновите и постојано се прашуваме зошто се уште нема никакво решение. Се распрашувам, но не добивам одговор. Тамара губи драгоцено време, здравјето и се влошува, Жаки вели дека не може веќе ниту на школо да оди. Доволно за нов прилог за да ги размрда тромавите институции. Уште не објавен ме претркуваат. На МИА стигнува вест дека фондот решил Тамара да се лекува во турска болница за 20 илјади евра. Си велам поевтино од понудата на др Ковач во Хрватска која чинеше 30 илјади евра. И Жаклина е затечена оти од сите болници кои таа ги понуди фондот ниту една не прифати.

Следуваат денови кога секој ден се обидува да дознае детал повеќе за болницата за лекарите под чиј нож ќе легне нејзиното дете. Но не успева. Коечно директорката на Фондот доаѓа во Велес во посета на пензионери. Можност за средба, ми вели Жаки. Ја сопира на скали од библиотеката каде се одржува настанот и и се преставува. И вели ве молам да го прегледаат детето, мајка сте и знаете дека и вие исто како и јас би сакале да го добие најдобриот третман. Експресно преглед е договорен. Турскиот специјалист за сколиози е во земјава па ја прегледува Тамара. Вели дека сам не може да ја изведе сложената операција, ќе мора на помош да викне повеќемина. Се чека да го договорат терминот.

Нова година помина. Термин за Тамара нема. Жаки е нестрплива. Од Фондот ме прекоруваат зошто се јавувам ги затекнале празниците, не работеле ниту тие ниту лекарите од Турција. Ветуваат брзо решение.

Водици. Во Велес доаѓа премиерот за големиот христијански празник. Церемонијата поминува, крстот е фатен. Ми ѕвони телефонот и Жаки ме известува. Е сега и Груевски ги има документите, успеав на заминување да му ги дадам в рака. Не и се веруваше како и успеало, ниту пак веруваше дека нешто ќе промени. Ми вели, сигурно ќе ги фрли во првиот контејнер. Но, по неколку дена ја изненадува едно телефонско јавување. Од кабинетот на премиерот ја замолуваат за трпение. 8 ми февруари е крајниот рок до кога ќе се знае терминот за операција.

Февруари, 9 – ти 2015. Се будам и размислувам денес е денот за убава вест. Жаклина Димовска се појавува на екранот на мојот мобилен кој пишти во празната соба. Се јавувам и со весел тон велам кажи Жаки. Едвај проговорува, Тамарчето ни замина и прснува во плач. Ме поразува, ме крши на најситни парчиња, ме боли секоја пора на моето тело. Глас немам ниту за сочувство. Молчам, а илјадници зборови „извини“ ми доаѓаат да врискам. Се поделувам на два дела. Морам. Па јас сум и човек и новинар.

Февруари 12 – ти 2015. Утро. Третото без Тамара. Ги отворам очите, го будам мозокот кој не може да ги оттргне мислите од малото анѓелче. Се сеќавам на последната силна прегратка во која стравував дека ќе го прекршам кревкото тело. Последното „чао тетка Биле“ одзвонува во ушиве. Каде згрешив? Зошто дозволив да бидам поразена? Како ќе продолжам понатаму? Мразот на усниве кои го допреа студениот образ на заспаната убавица при последниот бакнеж за поздрав се уште е тука. Нека остане засекогаш за да потсеќа колку треба да бидат гласни. За Тамара, никогаш да не се повтори.

Твоја, тетка Биле.

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1