Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел, по десетчасовните преговори зад затворени врати со своите сојузници од Христијанско-социјалната унија на Баварија (ЦСУ), постигна договор во однос на чувствителното прашање за миграцијата, со што се отстранети препреките за коалициски преговори со останатите партии.
Претставниците на ЦДУ и ЦСУ се договорија, бројот на лицата кои бараат азил во Германија да биде ограничен на 200.000 годишно.
Лидерот на ЦСУ, Хорст Зеховер, претходно остро ја критикуваше одлуката на Меркел за дозвола за влез на повеќе од милион азиланти во земјата од 2015 година.
Меркел и Заховер, денеска ќе одржат прес-конференција со цел да бидат појаснети детелите од договорот.
Бројката од 200.000 се однесува на контролирање на влезот на азиланти, како што е спојување на семејствата, како и на бројот на прифатени бегалци на ниво на Европската унија или според договорот на Унијата и Турција.
Предлог-договорот предвидува дека доколку се повтори масовната миграција, германската Влада повторно ќе го разгледа прашањето и се консултира со Парламентот во однос на новата цифра.
И двете партии се согласија дека миграциските текови мора да бидат намалени поради борбата со криумчарите и подобра заштита на надворешните граници на ЕУ.
Со таа одлука, германската канцеларка ќе може да се врати на преговорите со Партијата на слободните демократи (ФДП) и Зелените за формирање на коалиција.